
Солзи во судницата на Лаличиќ по гледањето на документарецот за случајот Тамара
Документарниот филм на Телма за случајот Тамара – Кога здравствениот систем убива дете, денеска се гледаше во судницата број 3 во Кривичниот суд. Пред судијката Софија Лаличиќ, обвинителката Софка Кека Наумова и останатите поротници, но и мајката и дедото на малата Тамара, филмот беше проектиран како доказ во случајот обид за убиство на Екс министерот за здравство.
Никола Тодоров како оштетен не беше присутен на судењето.
Во тажна атмосфера и со многу солзи сведочеше и мајката на девојчето кое почина чекајќи државата да и одобри лекување во странство. Жаклина Димовска раскажуваше како по семејната трагедија, татко и продолжил да пие премногу алкохол иако најголема желба на Тамара била да има дедо од кој нема да се срами. Тој не бил аргесивен, а за инцидентот разбрала од медиумите.
Во судницата сведочеше и братучетката на Никола Тодоров, која живее во иста куќа со него. Кобното утро била пресретната од Љубчо Стојановски на улицата кога тргнала за на работа.
„Ме потегна за рака и ме праша дали тука живее Никола Тодоровски. Бидејќи го нарече Тодоровски одговорив негативно. Кога стигнав во институтот за токсикологија каде работам, по кусо време слушнав неколку истрели. Бидејќи се наоѓа спроти министерството од прозорот го видов истиот човек од утрото, а тоа беше Стојановски“, сведочеше таа.
На ова негодуваше Стојановски кој рече дека не ја кажува вистината и дека таа му кажала дека Тодоров не е во земјата, што се поклопува со сведочењата на екс министерот и неговиот татко. Инаку денес требаше да сведочат и двајца вештаци балисти, едниот на обвинителството другиот на одбраната, но поради тоа што министерството за правда не ја продолжила лиценцата на предложениот на одбраната, ќе се почека до следното рочиште.
Инаку при примопредавањето на функцијата министер за здравство дедото на Тамара го чекаше Тодоров пред вратата на министерството и испука неколку куршуми. Се очекува вештачењата да утврдат дали целел кон него или само имал цел да го заплаши како што вели одбраната. Мајката на Тамара пак негодуваше што обвинителството е експедитивно во овој случај, за разлика од истрагата за смртта на Тамара која се уште нема епилог.
Билјана Николовска