Судија ќе може дисциплински да одговара ако ги одолговлекува рочиштата

Секој судија ќе биде повикан на одговорност доколку без причина ја одолговлекува судската постапка, доколку не ги применува пресудите на Европскиот суд за човекови права или доколку открива доверливи информации за случаите што ги води. Претседател на суд ќе може да биде разрешен доколку го прекрши системот за распределба на судските предмети.

Овие проширувања на основите за дисциплинска дговорност или разрешување на судиите се дел од новите измени на законите за судови и за судски совет. Пратениците ги изгласаа едногласно со 86 гласа за, откако претходно беа усогласени меѓу власта и опозицијата во работните групи. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека дури сега, откако законите беа надградени со нивните амандмани,  ќе може да придонесат за поголема независност на судството.

СДСМ го поздрави конструктивниот придонес на опозицијата во донесувањето на овие два реформски закони, со надеж дека дијалогот ќе продолжи.

Со интервенција на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Врховниот суд го задржува правото на глас во Судскиот совет. Ова прашање уште еднаш ќе биде отворено во работните групи, во рамки на продолжениот дијалог за новиот пакет судски реформи, што Министерството за правда ги најавува за јуни или јули.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ