
Мицкоски: Камиони на Вице, братот на Заев, возат за РЕК Битола
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска обвини дека камиони на братот на премиерот, Зоран Заев Вице Заев возат за РЕК Битола.
Според Мицкоски постојат сомнежи за криминал.
Тврди дека криминал има и во највисоките структури на власта и повика обвинителството да го истражи овој случај.
„Ова е случај каде треба да се вклучи во сите аспекти јавното обвинителство на Македонија. Обвинителството треба да провери дали е точно дека компанијата која важи за блиска до власта „СВ Инвест“ е ангажирана за под изведувач во оперативните градежни работи во РЕК Битола која пак претходно добива огромен бизнис во четири очи. Од материјалот кој може да се види фирмата врши превоз на јаглен со товарни возила кои се со јасна ознака на оваа компанија“, кажа Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ побара од Обвинителството да провери за колку пари, за која работа, низ каква процедура и во чие име работа вршеле возилата на компанијата на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев.
Мицкоски во обраќањето спомена и дека компанијата „СВ Инвест“, со чии налепници, како што рече, се обележани камионите во сопственост на компанијата на Вице Заев, била дел и од друг сомнителен тендер за ангажирање работници во РЕК „Битола“ во четири очи, по многу повисоки цени од тие кои реално се исплаќани на работниците.