
Иванов го предложи Богов, ДУИ стои зад Бесими, ќе се чека ли уште долго за гувернер?!
Се разгорува битката за гувернер на Народна банка. Шефот на државата Ѓорге Иванов денеска и официјално го обзнани и го испрати до Собранието својот предлог Димитар Богов да биде прв човек на монетарната власт и во наредните седум години. Соопшти дека со цел земјава да добие гувернер кој најодговорно ќе ја извршува функцијата, се консултирал со двете најголеми стопански комори, Здружението за банкарство, МАНУ и со други релевантни фактори, и се водел исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста.
„Од 2015 година па наваму, НБРМ, според оценките на Европската комисија, бележи одличен напредок во остварувањето на своите цели и задачи, во согласност и со законодавството на ЕУ. Особено е нотирано постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, одржувањето на девизните резерви, одржувањето на фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото и користењето на операциите на отворениот пазар и задолжителната резерва“, се вели во соопштението.
Пофалба има и за функционалната и институционална независност на НБМ.
Мандатот на гувернерот Богов истекува на 20 мај, и тој има право на уште еден. Предлогот за гувернер го дава претседателот на државата, а за него се изјаснуваат пратениците, што значи дали ќе биде избран Богов или не за уште еден мандат, пресуден збор ќе има парламентарното мнозинство.
Владата нема став се додека постапката е во тек, а се ќе биде јасно, велат, кога ќе дојде време за тоа.
Од пратеничката група на СДСМ објаснуваат дека предлогот на Иванов, иако е доставен до Собранието, се уште не е дистрибуиран до пратениците. Тие требало прво да го видат предлогот со целосното образложение, да ги разгледаат аргументите, по што ќе се одржи тематска координација на пратеничката група, и ќе се изгради конечен став.
Но, за разлика од СДСМ, ДУИ денеска беа многу поконкретни. За Телма велат дека најдобро решение за гувернер, според нив, е Фатмир Бесими, истакнат партиски член, и поранешен вицегувернер и министер за економија.
„Сметаме дека Македонија нема покомпетентен кадар од Фатмир Бесими за извршување на функцијата гувернер. Затоа треба сите да се обединиме околу ова професионално решение, кое има домашно и меѓународно признание за професионалност“, преку СМС ни го соопшти ставот Бујар Османи.
Значи ли ова дека претседателот Иванов отвора нов фронт со Владата и без консултации со неа го предлага Богов? И можно ли е да се оствари сценариото кое неодамна го навести еден функционер од СДСМ – да не се избере гувернер се до изборот на претседател на државата, што ќе се случи дури после една година.
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека фронтот меѓу Иванов и Владата е одамна отворен, прво со недавањето на мандатотот, а потоа и со непотпишувањето на Законот за јазици, така што ова е веќе разгорување на војната.
„Иванов треба да биде свесен дека ако Фатмир Бесими е некаков коалициски договор, парламентарното мнозинство нема да го прифати неговиот предлог. Тој мора да има осет за кохабитација, која и тој ја заговара. Во најлош случај е да не постигнат согласност, и да се чека изборот на нов претседател. Имајќи го предвид поведението на Иванов кон ова парламентарно мнозинство, не верувам дека тоа ќе му помогне да избере гувернер по свој ќејф. Така што сметам дека нема да успее неговиот предлог, и попбедник ќе биде парламентарното мнозинство“, вели Арсовски.
Тој не верува дека ДУИ јавно би го промовирале Бесими доколку нема макар премолчен коалициски договор за него, така што не очекува ова да ја загрози коалицијата ДУИ СДСМ, која, патем, досега преживеа доста кризи.
Бесими денеска не се јавуваше на својот мобилен телефон. Не сакаше многу да коментира и гувернерот Богов.
„Веруваме дека именувањето гувернер на Народната банка ќе се реализира навремено, со целосно почитување на одредбите од Законот за НБРМ“, велат од Кабинетот на Богов.
Сепак, дека не може да ја очекува поддршката од мнозинството стана јасно кога неодамна Богов ја пофали претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ за квалитетните странски инвестиции во зоните.
Димитар Богов е гувернер од 2011 година. Тој има 23-годишно работно искуство во претсижни државни институции во областа на финансискиот сектор. И во 2011, ДУИ не се согласуваше со неговиот избор и бараа од претседателот да го повлече предлогот, што ја разбранува коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
Нина Нинеска-Фиданоска