Чавков со гаранција од 600 илјади евра излегува на слобода

Екс директорот на БЈБ, Митко Чавков излегува на слобода. Апелациониот суд ја потврди одлуката на Кривичен со недвижен имот Чавков да гарантира дека нема да бега ако излезе од Шутка, каде е во притвор. Сепак, за сега Чавков останува во затворот, додека не се попише целиот имот кој го става под гаранција, а неговиот адвокат тврди дека се работи исклучиво за недвижнини, куќи, станови, деловен простор и ниви во Струмица и Скопје, негова лична и сопственост на блиски роднини и пријатели на Чавков, во вредност од 600 илјади евра.

Претходно Кривичниот суд ја прифати оваа гаранција, но Обвинителството за организиран криминал ја обжали одлуката. Сега по правосилноста на решението и запишувањето на гаранцијата, мерката притвор ќе се укине, а заради обезбедување присуство во текот на постапката се очекува судот да определи и мерки за претпазливост, односно привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница како и обврска еднаш неделно да се јавува во судот.

Претходно, Врховниот суд го пушти во домашен притвор, но само ден подоцна со подигнувањето на обвинението за 27-ми април, Кривичен го врати во Шутка. Тогаш претседателот на судот извести дека полицијата не го пронашла Чавков на адресата определена од Врховен, а неговата одбрана одговори дека Врховниот суд погрешил и му впишал стан на МВР кој пред повеќе месеци го напуштил.

Чавков е шесто обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Во притвор се и останатите вработени во МВР, шефот на обезбедувањето на Велјановски, Горан Ѓошевски, и екс началникот во МВР, Оливер Поповски, кои исто така со имот гарантираа дека нема да бегаат. Кривичен и за нив дозволи да се бранат од слобода, но Обвинителството веќе поднесе жалба и за нив. Сите се обвинети за настаните во Собранието од 27-ми април лани.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ