
Прво славје за шампионот Хамилтон, среќно до победата за ГН на Азербејџан
Возачот на „Мерцедес“ Луис Хамилтон ја обезбеди првата победа сезонава на четвртата трка во формула еден шампионатот што се возеше за Големата награда Азербејџан.
На уличната трка во Баку имаше голема драма во финишот од која профитираше актуелниот првак за 63 триумф во кариерата. Втор низ целта мина Финецот Кими Раиконен на Ферари, додека за третото место се избори Мексиканецот Серхио Перез на „Форс Индија“.
По катастрофалната грешка во финишот Германецот Себастијан Фетел на „Ферари“ заврши на четвртата позиција, иако беше втор до 48 круг, до тој момент зад лидерот и најголемиот губитник Финецот Валтери Ботас на „Мерцедес“, кој на крајот остана без првата позиција и без бодови од азербејџанското Гран при.
Од петото до десетото место за бодови се изборија, Шпанецот Карло Сајнц на „Рено“, Шарл Леклер од Монако на „Заубер“, Шпанецот Фернандо Алонсо на „Мекларен“, Канаѓанецот Ленс Штрол на „Вилијамс“, Белгиецот Стофел Вандорн на „Мекларен“ и Брендон Хартли од Нов Зеланд на „Торо Росо“.
Со првиот сезонски триумф Хамилтон го превзеде првото место во Генералниот пласман со 70 бодови, четири повеќе од Фетел кого го потисна на второто. Раиконен се проби на третата позиција со 48 бодови.
Следната петта трка ќе се вози за две недели на патеката „Каталуња“ крај Барселона за Големата награда на Шпанија.