
Дефект на трафостаница на МЕПСО причина за испадот на блок 3 во РЕК Битола
Експлозија на трансформатор за далновод на МЕПСО, предизвика застој во работата на третиот блок во РЕК Битола. Откако се приклучила заштитата, блокот испаднал од електоенергетскиот систем ноќеска во 1 часот и 30 минути, информираат од ЕЛЕМ. Надвор од производство се и останатите два блока, заради што комбинатот не произведуваше струја до денеска напладне, кога третиот блок е во системот.
„Блокот е синхронизиран денеска во 11 часот и 49 минути со електроенергетскиот систем и повтроно е пуштен во функција. Во меѓувреме електрчна енергија за таифните потрошувачи е обезбедена од другите производствени капацитети, односно нема прекин и недостиг во снабдувањето, велат од ЕЛЕМ.
И вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека ова нема да предизвика проблем во снабдувањето со електрична енергија во државата.
„Иако има некаков испад тоа е од технички карактер, како и секогаш досега. Но РЕК Битола, има повеќе блокови, нема само еден блок, така што мислам дека нема никаков проблем во однос на стабилноста со снабдување на државата со електрична енергија“, рече Анѓушев.
И од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвинија дека РЕК Битола повеќе од 10 часа не произведуваше струја.
„Единствениот активен, од трите блока во РЕК Битола ноќеска испадна од мрежа. Недозволиво е најголемиот производител на електрична енергија во државата да е вон употреба половина ден.Незнаењето на картелот на власт во текот на вчерашниот ден предизвика и прекин во дотурот со јаглен за термоцентралата. Имено поради пожар на една од постројките во рудникот на РЕК Битола снабдувањето со јаглен било запрено“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Останатите два блока во РЕК Битола, се надвор од производство затоа што во моментот со полн капацитет работат хидроцентралите, велат од ЕЛЕМ.
Емилија Мисириевска