Заев: Важно е да не бидеме обезличени

„Кога влеговте во оваа зграда, однадвор пишува Влада на Република Македонија. Да не се бара тоа да го промениме“, вака премиерот Заев му го објаснува на новинар од бугарската телевизија БТВ, ставот дека не е прифатливо име за севкупна употреба.

Заев смета дека со бугарските власти не би требало да има проблеми околу решението, затоа што нема никакви дилеми дека Пиринска Македонија е дел од Бугарија.

„Таму живеат бугарски граѓани кои се чувствуваат како Македонци и тоа е нивно право. Ние таков проблем немаме“, вели Заев.

Потенцира дека, без решение за името, веројатно нема да имаме иднина во ЕУ и НАТО, а прашањето  ќе остане отворено и по три или шест месеци повторно ќе се бара одговор. Неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, пак, денеска порача дека се решителни во обидот да се реши проблемот.

Европските претставници, пак, се оптимисти.Откако еврокомесарот Хан деновиве изјави дека е можно решение да се постигне за две недели, и известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, вели дека е можно во јуни да добиеме датум за преговори.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, го поздрави напредокот во преговорите, потсетувајќи дека поканата за Македонија за влез во Алијансата од 2008-та година се уште важи.Но, грчките новинари се песимисти.

Весникот Катимерини излезе со текст дека договорот е тешко остварлив затоа што главните прашања не се решени, а двете страни не се сигурни во однос на барањето на Грција , името да биде за севкупна употреба, како и за одбивањето на Македонија да го промени уставот.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ