Амбасадорите порачуваат: Направивте многу, потребно е уште

Комбинација од оптимизам и трпение според францускиот амбасадор Тимоние е вистинскиот начин за понатамошниот интегративен пат кон еЕвропската унија. Ни предстои вистинска заедничка работа во процесот на европска изградба, но пред нас имаме огромна работа затоа што стигнавме до организациски ограничувања, па оттука бараме малку трпение од нашите пријатели за да можеме да ве пречекаме во куќа која што е стабилна, каде што вие ќе го имате заслуженото место, рече Тимоние. Посочи дека тоа е и смислата на говорот на претседателот Макрон од 26 септември.

„Треба да излеземе од алтернативата дека или треба да се случи интеграција или да се случи војна во поранешните југословенски простори. Мислам дека таква констатација не служи на никого, а особено не за привлекување инвеститори. Треба да се најде средишниот пат, а тоа е патот на оптимизмот и на трпението, и ние сме тука за да ви помогнеме затоа што тоа е другата страна на работите“, кажа Кристијан Тимоние.

Нација во светот која најмногу знае што е трпение е токму македонската, шеговито посочи модераторот на конференцијата, амбасадорот Абдулакер Мемеди.

Оптимизмот особено го нагласи германскиот амбасадор Герберих, кој нагласи дека Владата во изминатиот период постигнала голем напредок.

„Клучно е реформскиот процес да биде инклузивен. Опозицијата мора да биде вклучена  како клучен дел од функционирањето на демократијата. Конструктивниот политички дијалог меѓу владата и опозицијата, надминувајќи ги сите политички разлики, е клучно за соодветно функцинонирање на една парламентарна демократија. Македонското општество е среде огромен реформски процес. Тие реформи се тешки и не секогаш популарни, но се во интерес на граѓаните и на земјата, кажа Томас Герберих – амбасадор на Германија.

Според шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, Горазд Бартол, стратешката цел на Македонија да стане дел од НАТО станува се поблиска, посочувајќи дека има големи очекувања од Владата во следниот период.

„Сојузниците се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи на Алијансата веднаш штом ќе се најде заедничко прифатливо решение за прашањето на името. Сакаме да ве поздравиме како 30-та земја членка на Алијансата“, кажа Горазд Бартол – Шеф на канцеларијата на НАТО во Скопје.

Порача дека позитивната енергија во земјата не смее да се пропушти и дека сите мора активно да се посветат на приоритетните теми, а тоа се реформите, владеење на правото, слобода на медиумите и мултиетничко општество.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ