Анѓушев: ТИМ да истражи кој го однесе ФЕНИ во стечај

За лошата состојба во која беше комбинатот ФЕНИ, премиерот Зоран Заев прстот го впери во претходната власт. Некој го препокривал работењето во комбинатот, мижел за 50 милиони евра што биле испумпани надвор од државата и за фактот што 2 години не се поднесени завршни сметки, рече тој.

„Заради ова и корупцијата врзана со власта каде бившиот министер за внатрешни работи организира превоз, а бившиот директор на УБК бил главен за рудата од Албанија и за се што се работи во приватните компании, затоа се ваквите последици во ФЕНИ“, рече премиерот Зоран Заев.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев кој уште вчера ги отфрли обвинувањата за незаконско водење на стечајната постапка, денеска побара истражувањата на Транспаренски Интернешнл да отидат не само подлабоко, туку и во друга насока. Во ситуација кога фабриката конечно почна да работи а 800 работници редовно земаат плата, сомневањата вели тој, треба да се насочат кон тоа кој и зошто го доведе комбинатот во стечај.

„Ги охрабрувам да одат подлабоко во испитувањата и да ги видат сите постапки на транспарентност кои биле од самиот почеток на создавањето на проблемот до денеска. Малку сум загрижен што обвинувањата кои стигнале до ТИМ доаѓаат од Кунико, од тие што проблемот го создале, но посакувам да се оди длабоко во испитувањето“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Вработените изразуваат отворен сомнеж во наводите на Транспаренси Интернешнл. Единствено важно велат им е да работат и земаат плата, секоја друга опција би била поразителна.

„Влегувањето во судските лавиринти од почеток, да се прекине производството, да се изгаснат печките а нема да има доверители да го плаќаат неработењето, значи дека работниците ќе одат под биро. Тоа е ситуација без излез, води до стечај или ликвидација“, рече Пеце Ристески од  СИЕР.

Сомнежите на Транспаренси интернешнл се неточни и за банките, некогашни доверители на ФЕНИ. Тврдат дека побарувањата им се во целост исплатени и затоа веќе не се дел од одборот на доверители, дека огласот за никелова руда бил транспарентен и отворен за сите и изразија увереност дека стечајната постапка е законски водена.

„Сакаме да изразиме жалење што изнесените неточни информации и обвинувања се презентирани по претставка на поранешниот сопственик на компанијата кој го доведе комбинатот во оваа состојба. Овој пристап го цениме како целосно несериозен и убедени сме дека вработените и сите заинтересирани субјекти во „ФЕНИ Индустри“ јасно го препознават тоа“, велат од Комерцијална банка АД Скопје и Стопанска Банка АД Скопје.

Зад фирмата која го земала ФЕНИ под закуп, според ТИМ  стои фирма регистрирана на Бахамите, која сега е дел од одборот на доверители на комбинатот. Од таму најавија кривични пријави за стечајниот управник и стечајната судијка за незаконско водење на постапката за стечајот на ФЕНИ.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ