Протоколарна изјава од Нимиц по новата рунда преговори за името

Со штура изјава од посредникот во спорот за името Метју Нимиц која не кажува ништо, заврши новата рунда разговори меѓу Македонија и Грција за надминување на спорот за името. Нимиц протоколарно кажа дека разговорите биле интензивни со посветеност од двете страни и оти ќе продолжат во наредните недели.

„Имавме неколку состаноци, ги знаеме прашањата многу добро. Двајцата министри зборуваат со авторитет. Разговаравме за отворените прашања меѓу страните за решавање на спорот за името. Беа интензивни разговори, средечни на една лична основа. Двете страни се многу посветени на изнаоѓање решение. Процесот ќе продолжи во наредните недели“, изјави Метју Нимиц, посредник од ОН во спорот за името.

Интензивирањето на преговорите и меѓусебната срдечност која се промовира пред камерите ги зголеми очекувањата на јавноста дека е можно брзо да се дојде до решение. Но, денешната воздржаност, дури и од самиот Нимиц, кој во изјавата не го упореби ни вообичаениот израз дека е оптимист, фрла сенка врз оптимизмот кој го промовираа двете страни пред оваа преговарачка рунда.

А оптимист утрово беше премиерот Зоран Заев, кој рече дека има доверба во креативноста на двајцата министри, да се дојде до решение.

На денешните преговори во Виена под покровителство на Нимиц им претходеше средба на Димиторв и Коѕијас во Охрид, следната нивна средба треба да се случи на 3 и 4 мај во Солун. Во периодов се интензивираат средбите Димитров – Коѕијас во обид да се постигне решение до самитот на Европската унија во јуни. По средбата во Солун, за една недела потоа најавена е нова средба во близина на Атина, како претходница на очекуваната средба на двајцата премиерот на Македонија и на Грција во Софија на Самитот за Запанито Балкан на 17 мај.

Сепак и покрај интензивирањето на средбите Заев вчера изјави дека не е можно за две недели да се постигне решение, туку дека пореален датум за тоа би бил Европскиот совет во јуни.

По денешната рунда во Виена која траеше околу 4 часа, двајцата министри заминаа на работна вечера. Инаку, ниту од македонското, ниту од грчкото МНР не е предвидено да излезат со соопштение за јавноста за денешната рунда преговори за името.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ