
Триесетина лица ставени во домашна изолација поради заразени сопружници од Дебар
Десет лица биле во директен контакт со сопружниците од Дебар заразени со коронавирус.
Станува збор за нивни соседи и роднини кои се ставени во домашна изолација и чија здравствена состојба се следи.
Тимови на епидемиолози веќе ги анкетирале и утврдуваат дали има потреба од дополнително определување на домашна изолација на нивни сограѓани. Разговарано е и со матичниот лекар за заразените сопружници кои изјавил дека носел заштитна маска додека ги прегледувал.
Надлежните засега немаат прецизна бројка колку пациенти тој прегледал во овој период но уверуваат дека шансите тој да биде носител на коронавирусот и евентуално да го пренесе на други пациенти е минимален.
Во автобусот во кој се превезувале сопружниците од Дебар имало вкупно 26 патници. Сите се идентификуивани и контактирани.
Еден од нив е албански државјанин и веќе се известени тамошните власти.
Возачот на автобусот во меѓувреме повторно заминал за Италија и денеска околу пладне пристигнал на граничниот премин Табановце со нова тура патници.
Автобусот е селектиран, патниците се издвоени и ставени во посебна просторија а возачот ќе биде ставен во карантин.
Дали автобусот во меѓувреме бил дезинфициран, министерот Филипче немаше одговор.
Двајцата сопружници кои се на возраст од 62 односно 68 години вчеравечер се префрлени на инфективната клиника и се во изолација и под постојан лекарски надзор. Според Филипче, нивната здравствена состоја е стабилна.
Надлежните соопштија дека е подготвен објектот за изолација во Демир Капија, и во зависност од моменталана ситуација доколку има потреба ќе биде ставен во погон.
Министерот Филипче уште еднаш апелираше до граѓаните да даваат точни податоци при влез во Македонија особено ако доаѓаат од држави каде има регистрирано случаи на коронавирус и да се придржуваат до препораки и да одржуваат лична хигиена.
Огнен Чанчаревиќ