87-Бројка под 100 новозаболени, удар врз ГОБ „8-ми септември“ каде има и 10 нови тешки случаи и заболени лекари

Вработен во градската администрација на Скопје, медицински лица од градската болница 8-ми септември и од штипската болница, се дел од билансот на новопотврдени случаи на Ковид 19. Вкупно 87 нови пациенти се регистрирани, а во главниот град се нови 41 заболен.

Со нови 16 пациенти се надополнуваат и штипските кластери, а по ден пауза со двоцифрена бројка се врати Куманово со нови 12 случаи. Од кумановските, 11 пациенти се од селото Матејче во општина Липково каде сега на околу 3 илјади жители има вкупно 53 заболени.

Тетово има десет нови случаи, со голема бројка се појавува и Пробиштип кој досега имаше вкупно 7 случаи, а само денеска има нови 4 случаи.

Имало вкупно 987 тестирања, со што бројката на позитивни од тестирања е падната под 9 проценти (8,81%). 80 тестирања се од скринингот за скопските градинки и нема откриен позитивен. Без скринингот процентот на новозаразени од тестирањата е 9,6 % (87 од 907)

Во изминатото деноноќие починат е 74-годишен кумановец кој лежел на скопска кардиологија.

5-мина пациенти се излекувани, а бројот на активни случаи повторно расте и сега изнесува 1.424 активни пациенти од кои повеќе од половината или 757 се во Скопје.

Најголем удар повторно е на болницата 8-ми септември каде се донесени 10 нови сомнителни на Ковид пациенти, а сега вкупно хоспитализирани таму се 50 заболени.

-Десет пациенти се примени со симптоми на Ковид19 во изминатото деноноќие. Земени се брисеви и ги очекуваме резултатите.  Од вкупно 50 пациенти, десет се тешки и сериозни случаи на интензивна нега. Болницата има капацитет, рече директорот на ГОБ „8-ми септември“, Христијан Костов.

Во болницата се регистрирани 15 заболени лекари, сестри и техничари, за кои се претпоставува дека се заразени надвор од болницата бидејќи доаѓаат од различни оддели во „8-ми септември“.

-Двајца од колегите се со средно тешка клиничка слика и се на инфективниот оддел. Останатите се полесни случаи и се на домашно лекување. Добивме помош од клиниката, среден медицински персонал и епидемиолози. Десет колеги се во изолација и доколку во четврток тестот им е негативен, од петок ќе почнат со работа. Тие биле во контакт со заразените тука во болницата каде се добро заштитени, вели др. Костов.

Десет пациенти во 8-ми септември се во тешка состојба и на респиратори, ни изјави директорот Костов.

Миомир Серафиновиќ

Број на новозаболени 09.06.2020.

Вкупно 87 (987 тестирања; 8,81%)  

– Скопје 41

– Штип 16

– Куманово 12

– Тетово 10

– Пробиштип 4

– Охрид 2

– Струга 1

– Гостивар 1

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ