Земјоделците бараат отштета за зимската зелка
Земјоделците од крајезерското село Николиќ во Дојран бараат отштета за зимската зелка. Проиводителите велат дека 90% од посевите останале необрани поради пандемијата со КОВИД 19. Зелката којашто овде се бере од февруари до мај не успеале да ја продадат поради намалениот извоз. По нивите е бело од презреаната зелка, па градинарите една по една ги ораат нивите.
Земјоделците велат дека собрале потписи од сите жители на селото коишто имаат зелка. Ги однеле до општината и побарале да се информира ресорното министерство. Бараат отшета колку за потрошениот репроматеријал, за да можат повторно да ги засадат нивите.
Од министерството за земјоделство велат дека земјоделците можат да ги искористат субвенциите за градинарски култури вклучително и за зелка од Програмата за директни плаќања 2020. Со оглед на тоа дека не ја искористиле мерката за дополнителна субвенција од 3 денари за продадена зелка, бидејќи се работи за зелка од месец февруари и за одредено населено место, за дополнително општететување, општинската комисија на Дојран, до каде што земјоделците испратиле барање, ја има известено Владата, па барањето ќе се разгледува.
Сузана Мицева