
8 од 10 родители користат насилни методи при воспитувањето на своите деца
Во Македонија 8 од 10 родители користат насилни методи при воспитувањето на своите деца во форма на психолошко односно физичко насилство. Овие поразителни податоци ја иницираа кампањата „И родителството се учи” спроведена од УНИЦЕФ со партнерства од македонските министерства за образование и наука, за здравство и министерството за труд и социјална политика. Кампањата има за цел да отвори јавна дискусија за детскиот развој и да го сврти вниманието да им се дава поддршка на родителите во одгледувањето на самоуверени и успешни деца. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека во Македонија досега системски немало пристап во учењето на родителски вештини. Само 15 градинки во Македонија имаат советувалишта за родители.
Според Светската здравствена организација, едно од три деца во Македоија трпат емотивна запоставеност од родителите. Претставникот на Уницеф за Македонија Бенџамин Перкс потенцираше дека Македонија е лидер во регионот по емотивна запоставеност на децата од родителите.
Кампањата „И родителството се учи” e финансирана од Европската Унија, а спроведена од како дел од регионален проект на УНИЦЕФ „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција”.
Јордан Дуков