
784 000 евра месечно за рамковните вработувања
Минатиот месец за плати на вработените по рамковен договор се исплатени над 784 000 евра.Тоа значи дека просечно секој од 1688 вработени зема плата од 490 евра седејќи дома, во Македонија или во странство.
„Последната исплатена плата која е реализирана преку Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, за програмата К5- Соодветна и правична застапеност на заедниците изнесува 48.242.111 денари“, соопштија од Министерство за финансии.
Според податоците на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, со К 5 програмата се вработени 1688 луѓе за кои после неколку години треба да се обезбеди работно место.
Од нив две третини имаат високо образование, а останатите се со средно. Најголем дел од нив се дипломирани правници, филолози и економисти, а потоа се дипломирани по јавна администрација, политиколози и инженери.
Најголемиот дел пак од вработените кои имаат средно образование завршиле технички школи, гимназија и медицина.
Со прераспределбата што ја најавува Министерството за информатичко општество и администрација, работно столче први ќе добијат луѓето кои ги исполнуваат условите за некоја од испразнетите раководни функции, а останатите ќе бидат распоредени на работни места во целиот јавен сектор.
Тоа значи дека може да им биде понудена работа во болници, училишта, градинки и ЈП односно секаде каде постои потреба за тоа. Но, тоа не значи дека тие конечно ќе почнат да си ја заработуваат платата бидејки понудата можат да ја одбијат ако работното место не им се допаѓа. Отказ вели министерот Манчевски нема да добијат.
„Некаде нема да наидеме на соодветно разбирање кај луѓето, нема да им е прифатливо тоа што им се нуди.Тогаш се применуваат законските одредби, па се ставаат на трансфер листа, значи не се отпуштаат од работа, туку се ставаат на располагање на др институција, ќе си добиваат понуди како др од таа листа во јавната администрација“, кажа Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и администрација.
Манчевски не прецизира колку ќе трае постапката на прераспределба на административците, но се проценува дека се ќе се заврши за два месеца.
Виолета З Стојановска