
Кочанска болница: Интерното одделение не дало информација за пациентката Јорданка Дончева
Јорданка Дончева која во понеделникот за семејството беше прогласена за мртва неколку часа, а потоа откако дошле да си ја земат со погребална кола е лоцирана дека е жива и е сместена на Интерното одделение во кочанската болница, денеска со соопштение излезе оваа институција. Во него се наведува дека медицинска екипа на Итната медицинска помош ја има донесено во 14. 30 на интерното одделение, на коешто пациентката добила брз и соодветен медицински третман од страна на лекарите.
Во соопштението се наведува дека откако е извршен разговор со тимот на дежурните лекари специјалисти кои работат на Интерното одделение никој од нив нема дадено информација на семејството за состојбата или пак дека Дончева е почината. Раководството на болницата вели дека случајот е пријавен во полиција, земени се изјави од сите инволвирани и по добивање на извештајот од институциите ќе излезат со ново соопштение. Доколку се утврдат неправилности од вработени во болницата ќе бидат санкционирани, велат од кочанската болница.
Но, нејзиниот син Благојче за Телма вели дека и вчера и денеска изјавил дека веста за наводната смрт на неговата мајка не ја добил од лекарите специјалисти на Интерното одделение, туку на телефонот кога се јавил во итната медицинска помош. Сведоци и докази има и веќе се приложени во постапката.
Ни на крај памет ми доаѓа јас да тврдам дека мајка ми е почината и дека некој погрешно сум разбрал. Имам и сведоци луѓе кога телефонски ми ја кажаа веста дека мајка ми починала. Дончев забележува дека како секој човек во такви ситуации нормално е да се подготви за погребот на најблискиот, добро е какошто вели тој што семејството откако ги испечатиле некролозите и не ги залепиле на видни места во Кочани. Случајот вели дека ќе го тера до крај.
Викторија Димитрова Јованова