72.000.000 евра за спас од небото

Опозицијата тврди дека проектот и јавно-приватното партнерство за хеликоптерска итна помош е нов грабеж од, како што велат власта, во заминување. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Јанушев  вели договорот со новоформираната фирма Сархемс е потпишан врз основа на физибилиту студија направена од машински инжинер и предвидува 9 милиони евра годишно трошоци во наредните 8 години, со преземање на пилоти од МВР и АРМ.

-Ако еден таков хеликоптер е од милион и пол, два до 5-6 милиони евра во зависност од производителот и од конфигурацијата на вградената опрема, ако годишно треба  да се издвојат 9 милиони евра, ако треба да се повлечат пилоти од армијата и полицијата и да им се даде за користење центарот за обука на пилоти кој вреди 10 милиони евра, тогаш тоа е чист грабеж. Ништо друго освен грабеж, рече Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна и премиерот Заев, но и Саша Ѓаковиќ, сопственик на фирмата Сархемс кој има слична компанија во Шведска тврдат дека медицинската хеликоптерска помош нема да ги чини граѓаните ниту денар.

Саша Ѓаковиќ (фото од сајтот на Свидиш Хеликоптер Конзорциум

Договорот се уште не е потпишан, но целта е да се спасуваат животи, изјави Ѓаковиќ за последното издание на КОД.

-Само фино Ве замолувам. Да завршиме со договорот, ние сме само избрани на повикот. Да потпишеме договор и сите детали ќе ви ги дадат јас. Затоа што тука нема никакви причини за сомнежи. Ова е нешто што е добро и што носи добробит и за државата и за граѓаните. И без никаков буџет, а ниту граѓаните плаќаат. Еден склоп на друг начин на финансирање, меѓу кои и од Европска Унија. Значи ова е јавно-приватно партнерство и се е по законот за јавно-приватно партнерство и затоа само Ве молам да го завршиме тоа и потоа на сите ќе им биде мило кога ќе го спасиме првиот живот, изјави во телефонски разговор за КОД на Телма, Саша Ѓаковиќ (сопственик на СарХемс ДОООЕЛ Скопје).

Договорот треба да се потпише во следниот месец, а досега не се соопштени детали за обврските на избраниот партнер ниту кој ќе ги купува специјализираните хеликоптери кои според физибилии студијата чинат меѓу 10 и 15 милиони евра за секое летало.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ