
57 кандидати за 7 антикорупционери
Од недела до среда, 57 кандидати за седумчлената Антикорупциска комисија, ќе даваат јавно интервју во рамки на процедурата за селекција. Секој кандидат ќе добие време од 30 минути за да одговори на прашањата што ќе му ги постават членовите на Комисијата за селекција како и пријавените професори, новинари, граѓански активисти, како и претставници на МАНУ и на Народниот правобранител. Целата постапка треба да финишира до 8 февруари, со гласање на пленарна собраниска седница.
Сите интервјуа ќе бидат снимени и емитувани на Собранискиот канал. Нема да одат во живо, за да не се стават во нерамноправна положба кандидатите што први ќе бидат испрашувани од оние подоцнежните. На Огласот се пријавија вкупно 80 кандидати. 22-ца отпаднаа заради несоодветно образование или некомплетна документација, а еден самиот се повлекол. Овој начин на избор на членови на Антикорупциска се реализира за прв пат во согласност со новиот закон, но Комисијата не функционира 10 месеци по оставките заради коруптивни сомневања.
Соња Николовска