53 новозаболени од Ковид-19, 25 излекувани

Во Куманово уште трае надзорот за пропустот со владиниот врв и позитивниот локален кризен штаб, во битолската болница не е утврден пропуст со пациентот позитивен на Ковид-19.

Во Куманово 9 нови потврдени случаи, во Прилеп 9 новозаразени, Штип го нема во извештајот и нема нов пациент позитивен на Ковид-19, но затоа главниот град се врати на првото место по потврдени случаи на дневно ниво со 13 нови пациенти. Во Велес се потврдени 12 нови случаи, а таму е проширен кластерот од еден голем маркет – од каде се заразени 3 продавачки и 4-члено смемејство на една од нив. Нов град на мапата е Македонски Брод каде се потврдени двајца позитивни пациенти, а претходно тамошен лекар кој е од Прилеп беше заразен. И Демир Хисар е ставен на листата откако еден битолски пациент е префрлен во таа графа. 25 пациенти се излекувани, и нема починат пациент во дневниот пресек.

На скопската клиника за онкологија е утврдено дека уште двајца лекари се заболени со што вкупно на оваа клиника бројот на заболен персонал се искачи на 5. Директорот на клиниката Нино Васев телефонски ни изјави дека мерките и протоколите се почитуваат, а здравствените работници се целосно заштитени. Епидемиолошките анкети треба да откријат како заболеле петмина вработени на онкологија и дали вирусот меѓу нив се ширел во болнички услови, каде лежат најтешките пациенти во државата.

Во Битола немало пропуст со лекувањето на пациентот за кого 5 дена се чекало тестот, утврдил санитарно-здравствениот инспекторат. Директорката на ДЗСИ Ирина Бухова за Телма вели дека имало два вонредни надзори и е утврдено дека патот на пациентот од психологија, до интерно и на крај до инфективно одделение во битолската болница, бил изведен со максимална заштита на персоналот. Проблемот во Битола се појави откако лекарите јавно објавија дека за пациентот е утврдено дека е заболен и дека 5 дена се чекало резултати поради што персоналот на интерното одделение бил згарозен. Бухова тврди дека пропуст нема и за пациентот се грижеле определени луѓе од персоналот во изолирана соба и под максимална заштита.

Случајот со Куманово кога позитивниот градоначалник ги пречека премиерот и владиниот тим без 4 дена да дознае дека е заразен со корона вируср, се уште се истражува од здравствените инспектори за да се утврди кој ги прекршил протоколите за безбедност. Османи добил решение за 14-дневна изолација, а Филипче ќе остане две недели во изолација, потврдија двајцата посетители на Куманово.

Според досегашните податоци на Институот за јавно здравје иако во Скопје има најмногу заболени, Ковид-19 најраширен е во Куманово, Дебар, Прилеп и Струга, каде има најмногу пациенти според број на жители.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ