Со 27 илјади денари месечно МРТВ води по надомест за членство во Надзорен одбор

Дарко Стефановски, претседател на Надзорниот одбор на ЈП Македонска радиотелевизија, за својот ангажман на оваа позиција добива месечен надоместок од дури 27 илјади денари, покажува истражувањето на Граѓанскиот центар за комуникации.

Со ова тој е на врвот на листата најплатени членови, а по него е заменикот кој добива 26 илјади.

Стефановски за Телма вели дека неговиот надоместок е регулиран согласно Законот за медиумски услуги.

Смета дека ангажманот и одговорноста на позицијата во целост ја оправдува висината.

„Конкретно месечниот надомест кој јас го добивам е определен во рамки на законски предвиденото, но во помал износ од законски утврдениот максимум и истиот изнесува една просечна плата, согласно Државниот завод за статистика и дополнителни 3.000 денари заради зголемени и дополнителни активности како Претседател на тоа тело“, вели Дарко Стефановски, претседател на НО на ЈП МРТВ.

24 илјади на месечно ниво добива и претседателот на Бордот на директори на АД за стопансисување со станбен и деловен простор.

Се до јули годинава тоа место го држеше Џеват Исеини, познат и по контроверзна снимка како игра оро со пиштол за кој потоа објасени дека е гасен и има дозвола.

Во јули бил разрешен и на негово место дошол Вангел Андрески.

За членствата во другите државни претпријатија се одвојуваат меѓу три до 14 илјади денари месечно, а има и такви што се плаќаат по одржана седница, на пример во Програмскиот совет на МРТВ, 11 илјади денари.

На годишно ниво, најголеми вкупни трошоци за членовите на одборите има скопски Водовод и канализација, околу 36 илјади евра.

Истражувањето ги опфатило 30 те најголеми претпријатија во земјава. Покажало дека Владата и општините немаат официјален документ за селекција, не објавуваат огласи за избор, не ја проверуваат квалификуваноста ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните кандидати.

Не можело да се утврди кој, врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги избираат токму тие лица за членови.

„Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови. Како членови на управните одбори се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози, па и раководител на бензинска пумпа, како и сопственик на златарски дуќан“, се вели во истражувањето „Право или политика: Избори на членовите во УО и НО во државните претпријатија“.

Од друга страна, станува збор за државни претпријатија чии годишни приходи изнесуваат 800 милиони евра.

Само една третина од членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење имаат економско образование и знаења и искуство од дејноста на финансиското и сметководственото работење.

Со биографии на членовите на управните и на надзорните одбори на дел од државните претпријатија не располагаат ниту основачите, ниту самите претпријатија, покажува истражувањето.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ