50 домаќинства во центарот на Делчево живеат без канализација

Педесетина домаќинства од делчевската улица „Видо Смилевски Бато“, кои се на само пет минути од центарот веќе половина век живеат без канализација и асфалтирана улица. Секоја зима мора да газат во кал. Жителите велат недај боже некој да се разболи, бидејќи амбулантна кола не може да помине низ улицата. Овие жители честопати се и сведоци на превртени автомобили во оваа бездна, која е покрај нивните куќи.

Жителите ја искористиле можноста за легализација на нивните домови, а од општина Делчево велат дека се работи на техничка документација за асфалтирање на улицата, по што ќе им се реши проблемот.

Но, низ источна Македонија ова не е единствен пример, каде што жителите на населбите кои беа изградени на диво немаат канализација или пат. Невладината ИНИ Виница при своето истражување открива дека на истокот има 56.000 домаќинства, а дивоградби има вкупно 40.000. Што значи дека секое едно и пол домаќинство има по една дивоградба. Општините не се финансиски моќни да ја изградат инфраструктурата на овие објекти, бидејќи со едно евро за метар квадратен не се покриваат сите трошоци за инфраструктура. Друг е проблемот и со капацитетите на помалите општини за легализација на овие објекти.

Општините пополека ги решаваат инфраструктурните проблеми на легализираните објекти, а поради малите буџети постојано бараат помош и од централната власт, но и преку донации. Засега Штип и Кочани брзо го завршуваат процесот на легализација. Локалните власти сметаат дека мора да се стави ред на градењето, бидејќи се соочуваат со урбанистички хаос, нестандардни улици, канализациони и водоводни мрежи, а во овој случај во подредена позиција се оние граѓани кои си плаќаат комуналии за изградба на куќи

Викторија Димитрова Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ