
5 фирми испратиле понуда за да ја чистат малата депонија со линдан во Охис
До последниот рок на 16 декември, 5 интернационални компании испратиле понуди до министерството за животна средина. Сакаат да ја чистат малата депонија со наталожен канцероген линдан во поранешниот хемиски гигант.
Надлежното министерство во соработка со Обединетите Нации, УНАДО обезбеди 6 милиони долари, но дали овие фирми ќе чистат за оваа или повисока сума ќе се знае откако ќе се отворат понудите, соопшти министерот за животна средина, Насер Нуредени на денешниот појадок со медиумите.
„Го продолживме рокот и се јавија 5 фирми. Можеби станува збор и за конзорциуми или повеќе фирми кои се здружиле за да одговорат на задачата. Пристигнаа во електронска понуда, но ги чекаме и во хартиена форма за да ги отвориме. Процесот на евалуција и избор на фирмата ќе трае најмногу еден месец“
Доколку се одбере една од овие 5 фирми, чситењето ќе треба да започне од март, а да заврши најдоцна за 30 месеци. Избраната фирма ќе мора да исполнува строги критериуми и да ја заштити областа, пред да започне со чистење.
За контаминираниот воздух да не се шири во воздухот, фирмата ќе мора да изгради хала по највисоки европски стандарди со специјална вентилација и прочистувач на воздух, која би можела да издржи и земјотрес од 9 степени според Рихтерова скала.
Но, не се знае дали за овие услуги фирмите кои се заинтересирале за огласот ќе ја прифатат понудата од 6 милиони долари или ќе бараат повеќе средства, ќе се знае најдоцна за еден месец. Од министерството не ја отфрлаат можноста за договарање за сумата со најсериозната компанија која испратила понуда. Малата депонија се наоѓа до големата веднаш до оградата на фабриката и булеварот „Борис Трајковски“. Претпоставките се дека во големата депонија се кријат 40 000 тони материјал измешан со канцерогениот линдан.
За да се исчисти и оваа депонија потребни се од 40 до 60 милиони евра а процесот ќе трае најмалку 5 години.
Павле Беловски