Еден месец истрага за рекетот, тројца од СЈО сослушани, Јанева апстинира но дали наредила и претрес на обвинители на влез во СЈО

Иако обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми го одложи своето сведочење поради обврски на суд, во организиран криминал беше сослушан вработен во СЈО. Шефицата на кабинетот на специјалната обвинителка во оставка денеска се одѕвала на повикот и била на распит како сведок. Детали не се откриваат во интерес на истрагата, а ова е вкупно трета вработена во СЈО која свeдочи во истрагата за рекетот отворена пред точно еден месец.

Специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева уште не е распрашана иако и нејзиниот глас се слуша на италијанските бомби снимени од сведокот Орце Камчев. Извори за Телма тврдат дека и таа добила покана за распит по што денеска издала наредба обвинителите и вработените да бидат претресувани на влез во СЈО.

Очевидец за Телма тврди дека видел како еден обвинител по враќање од пауза бил сопрен од полицаец за да се провери торбата која ја носел. Кога обвинителот прашал што е работата, полицаецот кажал таква е наредбата за сите без исклучок, сопрениот обвинител опцул и излегол од СЈО по што плукнал кон вратата.

Од надлежната канцеларија за односи со јавност ни кажаа дека доколку има реакција ќе испратат соопштение, но на нашето прашање дали тие биле претресувани ни рекоа не, ниту кога влегувале ниту кога излегувале.

Односите во СЈО дополнително се влошиле кога на колегиумот во понеделник Јанева им викала на оние кои биле присутни, дека ако пропадне сите ќе ги повлекла надолу. За коментар ја баравме и Јанева, но таа не одговори на нашите телефонски повици.

Владата верува во истрага, опозицијата бара оставки

Вицепремиерката Шекеринска денеска и натаму останува на ставот дека владата инсистира на истрага и на одговорност за сите што згрешиле законот, иако не одговори дали таа го посетила сега притворениот Боки 13-ка како што тој му раскажуваше на сведокот Орце Камчев, за што слушнавме во бомбите пуштени преку Италија.

-Многу лаги беа кажани. Ако дозволиме на секоја од тие лаги да реагираме, криминалците ќе се скријат, а ние ќе се занимаваме со оговарање. Ја поддржуваме истрагата и на никој начин и во ниту еден момент не сме се довеле во ситуација да поддржуваме криминал и корупција, одговори вицепремиерката Радмила Шекеринска.

ВМРО-ДПМНЕ го одбележа првиот месец од истрагата за рекетот со прес конференција пред јавното обвинителство, побараа оставки од како што велат државната мафија на чело со Заев, а не спора и контролирана истрага од обвинителството.

-Во моментот гледаме дека цел месец иако се притиска за некаква европска перспектива на Македонија која е само декларативна од Зоран Заев и од членовите на државната мафија, гледаме дека истрагата тапка во место иако има интерес не само во државата туку и во ЕУ. Апсолутно она што е потребно е оставка на сите министри, распуштање на Собранието и парламентарни избори, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Минатата недела беа објавени снимки од кешот од еден милион кој досега не е откриен каде завршил, иако обвинителството спроведува истрага.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ