45.000 евра и за прв братучед за велешкиот градоначалник

45 илјади евра од Фондот за иновации добил и прв братучед на велешкиот градоначалник, Аце Коцевски. Ова е најновото име на списокот со функционери на СДСМ и нивни блиски луѓе, кои добиле државна финансиска помош за своите компании, а кое денеска беше објавено од ВМРО ДПМНЕ.

Од опозицијата го охрабруваат Oбвинителствоto да дејствува непристрасно и според законите затоа што, велат, овде покрај конфликт на интереси и злоупотреба на службена должност, се прекршени  и уште десетици други казниви дела. На СДСМ, пак, им порачаа дека, еден ден правдата ќе се врати и сите ќе одговараат за овие скандали.

Од СДСМ веднаш им вратија дека, нема поголема иронија од тоа, најкриминалната партија во историјата на Македонија, да бара правда и владеење на правото.

Премиерот деновиве изјави дека нема да бара оставки од функционерите вмешани во оваа афера, меѓу кои се и вицепремиерот Кочо Анѓушев, пратеникот Хари Локвенец, советничката на премиерот, Цветанка Ласкова и консултантот во Фондот, Весна Кузмановиќ. Смета дека, законски е дозволено сите фирми да аплицираат и дека е доволно тоа што дел од нив веќе ги повлекле апликациите. По реакциите во јавноста, и директорот на Фондот, Јован Деспотовски, ги повика 79-те компании, добитници на финансиска помош со првиот инвестициски бран, да достават информации за сопственичката структура и евентуалната поврзаност со носители на јавни функции и членови на нивни семејства. Потоа ќе се побара Комитетот за оценување да одлучи дали ги исполнуваат критериумите за добивање на парите. Во Фондот влезе и Основното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое оформи предмет по допрен глас.

 

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ