
Груевски најави оставка од пратеничката функција
Поранешниот премиер Никола Груевски преку својот фејсбук профил најави повлекување од пратеничката функција.
Целта легално да ми го одземат мандатот е јасно дека е неостварлива. И според Уставот на Македонија и според меѓународните прописи, но и според неподлегнувањето на притисокот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои на комисијата за мандатно имунитетни прашања не подлегнаа на притисоците и пропагандата и им одржаа лекција по меѓународно право и уставно право на нивните колеги од власта кои во отсуство на аргументи расправата ја сведоа на ,,маалска дискусија за политика на клупа пред зграда,, во текот на расправата на комисијата. Сепак, иако правото, Уставот и меѓународните документи се на моја страна, јас нема да дозволам нашата партија и пратеници заради мене и мојот мандат да бидат изложени на било какви притисоци, на лажна пропаганда, на непријатности и на медиумски линч од страна на власта и нејзините апологети. Несакам понатаму ниту да дадам можност на СДСМ користејќи ја оваа тема да ги избегнува дебатите за суштинските теми и проблеми кои го засегаат народот и да ги задскрива своите криминални политики, напиша екс премиерот.
Според него станува збор за стратегија на СДСМ „своите секојдневни неуспеси, криминал, масовна корупција, бројни неостварени ветувања, непотизам, и огромен број други слабости да се обидува да ги прикрива преку наметнување на лажни информации и тези со очигледна понатамошна опседнатост со мене“. Груевски вели дека за својата одлука ќе го извести Собранието во текот на следните денови.