
4 години од крвопролевањето во кумановско „Диво насеље“
Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ пред 4 години на 9 ти мај заминаа да апсаат шверцери на дрога. Никогаш не се вратија, бидејќи влетаа во заседа во тесната улица во кумановското „Диво насеље“.
Тие добија „медали за храброст“, 10 напаѓачи ја делат нивната судбина, а 8 од 37-мината упасени добија доживотна казна затвор. Се уште се бараат одговори кој и зошто сакаше да се случи „Диво насеље“.
„Диво насеље“ заглави и кај специјалното јавно обвинителство. Шансите Јанева да го превземе предметот се многу мали.
По повеќе од една година заради преведување на материјалите „Диво Насеље“ се враќа овој пат во апелациониот суд. Очекувањата на адвокатите се дека заради повреда на правото на одбрана одново ќе им се суди на 37- мината осудени за тероризам и терористичка организација од кои 8-мина добија и доживотна робија.
Одбраната очекува, а владата се уште се нема изјаснето дали и кога ќе се направи меѓународна експертиза за Диво Насеље.
Треба прво да е завршена правосилно судската постапка во земјава пред да се вклучат меѓународни експерти, се ланските изјави на Заев.
И оваа пролет семејствата на осудените и загинати од страната на УЧК ги потсетија властите дека сакат стоп на селективната правда, одговори зошто се дозволило да загинат толку луѓе. На протестот од споменикот до Скендер Бег до кривичниот суд го развеаа албанското знаме, амблемот на УЧК, и знамето на голема Албанија.
Како што објави Код на Телма, на тигрите кога се подготвувале за акцијата им било кажано дека одат во акција против двајца вооружени и опасни шверцери на дрога. Специјалците требало да влезат во две куќи и требало да ги изненадат шверцерите на спиење, во 5 часот на сабајле.
Дел од терористичката група во Куманово стигнал со возило на итна помош од Отља каде биле претходно сокриени. Полицијата не спроведе никогаш внатрешна истрага за да се утврди зошто специјалците биле испратени со погрешни информации за бројната состојба на вооружената група, поради што на почетокот од акцијата загинаа најголем дел од полицајците.
Павле Беловски