Анѓушев: Државата нема да троши буџетски пари за плаќање на долговите

Мустафа Куртиш е еден од граѓаните кој се надева дека долговите за струја што ги направил за 4 години, некаде до 2006, ќе ми бидат отпишани. Уште не е сигурен дали тоа ќе се случи, но ако е вистина, ја поздравува мерката, вели, така им се помага на најсиромашните како него, чија фирма отишла под стечај и немало начин како да ги подмирува сметките.

„Не можевме да плаќаме, јас без работа, сопругата, децата сите во училиште, добивме само минимална социјална помош, како да плаќаме. Извршители само ни го зголемуваат долгот со камати, ако не ни помогнат, треба сите во затвор да одиме“, вели Мустафа Куртиш кој има неплатени сметки за струја.

Откако премиерот Заев најави дека Владата размислува за отпис, вицепремиерот Анѓушев денеска појаснува дека државата нема да троши буџетски пари за плаќање на долговите, туку само преговара со компаниите за тие да им ги простат долговите на граѓаните кои се во голгота со застарените сметки. Со поделбата на поранешното ЕСМ, вели, останаа побарувања кои требаше да бидат поделени меѓу ЕЛЕМ, која остана државна, и приватната ЕВН, па договорот меѓу компаниите беше доколку се наплатат тие средства да бидат поделени.

Меѓутоа и после многу години тие средства не се наплатени и практично направија голгота кај многу граѓани. Во најголем дел долговите тешко може да се наплатат и само прават товар на граѓаните во бескрајни судски и извршителски постапки. Нема да се трошат буџетски пари, напротив, преговараме со компаниите, тие долгови да бидат отпишани во нивните книги“, веки Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Во моментов течат разговори меѓу Владата, ЕВН и ЕЛЕМ, за долгови направени заклучно со август 2005, каде ќе влезат и заостанатите сметки за радиодифузна такса, кои тогаш се плаќаа заедно со струјата. Од ЕВН само потврдуваат дека со Владата се разговара и се прават анализи за отписот. Неофицијално еден состанок веќе имало, во четврток ќе има нов. Засега не може да се потврди ниту бројката од 100 милиони евра наводен долг, ниту дека станува збор за 200 илјади граѓани, како што вели Владата, тоа ќе го покажат анализите. Според сознанијата, овие долгови се на луѓе кои се најтешката сиромаштија, а во нив има и долгови од 50 денари кои со годините стигнале и до 150 илјади, но и многу повисоки обврски. Компанијата и досега отпишувала камати на оние што си го платиле основниот долг. Оние што пробале да крадат струја, се дознава, ништо нема да им биде опростено.

Во меѓувреме, отпис бараат и граѓани со нови долгови, а дел сметаат дека тоа не е коректно кон редовните плаќачи.

Силни реакции има и за планираното обесштетување на лозарите од Тиквешкиот регион на кои должни им останаа винариите Повардарие, Стефанс винери и други помали, за откупеното грозје во последните неколку години. Во четврток ќе се донесе закон со кој Владата ќе го плати долгот од 1,5 милиони евра. Анѓушев вели, не се обесштетуваат приватни компании, туку лозарите.

Ова обесштетување ќе оди преку програмата за субвенции, а ќе важи само за неплатени долгови на компании кои ќе одат во ликвидација или стечај, а во тие постапки лозарите нема да можат да бидат обесштетени.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ