300 до 500 евра казна за триесетина декани, директори и заменик-директори

300 до 500 евра казна ќе треба да платат дваесет и четворица декани на факултети, двајца директори и двајца заменици директори на државни институти, поради тоа што не доставиле имотни листови. Антикорупциската комисија одлучи да поднесе прекршочни пријави против првите лица на Филозофскиот, Економскиот,Земјоделскиот, Шумарскиот, Технолошкиот и Стоматолошкиот факултет, факултетот за Земјотресно инженерство и за Музичка уметност на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и на факултети на универзитетите „Гоце Делчев“ и „Мајка Тереза“.

Деканот на Стоматолошкиот факултет, Киро Ивановски, ја демантира претседателката на Комисијата. Тврди дека откако е избран, првин за в.д декан, а потоа и за декан, доставил два анкетни листа. Првиот на 27 –ми ноември, а вториот на 13-ти декември 2017-та година, за што ни достави и докази.

Реагираа и од Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, за официјалното отворање на постапка за унапредувањата во Армијата во предизборниот период. Испратија соопштение во кое ја охрабруваат Антикорупциската да постапи по овие случаи со што би се отстраниле шпекулациите во јавноста.

До крајот на неделата истекуваат и роковите за одговор на барањата од првите 18 отворени предмети за непотизам. Некои од институциите веќе ја испратиле потребната документација, а во меѓувреме до Антикорупциска пристигнале  и нови 200 претставки од политички партии за непотизам.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ