
280 евра за секој глас во дијаспората
Државата ќе потроши речиси 500 илјади евра за да организира гласање во дијаспората. Секој глас ќе чини околу 280 евра, а можеби и повеќе, доколку сите илјада 780 пријавени в сабота не дојдат на гласањето за кое аплицирале.
Во ДИК се согласуваат дека трошоците за организирање избори во странство се превисоки, но тоа е во согласност со Изборниот законик.
За да може пријавените иселеници да го остварат правото на глас, на 32 дестинации ширум светот ќе отпатуваат 258 членови на избирачки одбори, определени по случаен избор од редовите на јавната администрација.
Бидејќи в недела не се во земјата, тие гласаа денеска.
Од Избирачкиот одбор 5050 велат дека проблеми нема а одѕивот е висок. Најмногу пријавени гласачи има во Венеција – 290 и во Љубљана – 215. Во далечната Канбера ќе гласаат само 51-но лице, а во Абу Даби 10, што е минимум за организирање гласање, било да е во земјава или надвор од неа.
Членовите на ДИК бараат веднаш по претседателските избори да се смени законот и да се најде поевтин и постимулативен начин за гласање во дијаспората.
Соња Николовска