
Инвеститорот нема да крене раце од локацијата кај Мајчин дом
Багерите кај Мајчин дом се уште мируваат додека денес завршува 15-дневната забрана за градење на осумкатницата.
Во изминатите две недели, градоначалникот на Аеродром Златко Марин требаше да се договори со инвеститорот, за прекин на изградбата. Тие се уште не успеале да се спогодат.
За градоначалникот единствено прифатливо решение и понатаму останува зградата воопшто да не се гради на таа парцела.
- Се бараше заменска парцела каде инвеститорот би можел да гради. Втората можност е да се направи обесштетување за што правиме проценки. Сумите се огромни. Само за трошоците за земјиште и комуналии треба да му се вратат околу 5,5 милиони евра на инвеститорот. Во меѓувреме, Општина Аеродром е во исчекување на одлуката од Уставен суд, каде што се поднесени 13 претставки за ДУП-от кој ја опфаќа парцелата.“, соопштуваат од општина Аеродром.
Наспроти тоа, сопственикот на градежната фирма, Фатмир Етеми, убедува дека изградбата ќе продолжи затоа што документите се собрани и се е легално. Стравува дека дополнително одложување на работите лошо би се одразило по буџетот на фирмата, но и по џебот на работниците.
Жителите гласно кажаа дека не сакаат зграда да никне на ливадата кај Мајчин дом. Во разговорот со инвеститорот вината ја посочија кај претходниот, но и кај сегашниот градоначалник. Обвинија за неодговорно носење на Деталниот урбанистички план и издавање на дозволата за градба.
Најмногу реагираат за уништувањето на зеленилото во населбата.
Аеродромци добија ветување дека откако ќе никне зградата, ќе се инвестираат милион евра во зазеленување на просторот со хоризонтални и вертикални градини. Според инвеститорот, така ќе има дури и повеќе зеленило од сега.
Зградата за која градоначалникот Златко Марин ветуваше дека нема да се гради ќе има осум ката и поткровје, со вкупно 240 станови.
Паркирањето возила на новите станари ќе биде решено со подземна гаража.
Петар Догов