24 годишен полицаец од Битола свирепо убил, а потоа и запалил сограѓанин

На неполн километар од влезот во  прилепското село Беловодица, на земјениот пат се уште се видливи трагите од  вчерашното свирепо убиство. Осомничен е 24  годишен полицаец од Битола, Енвер Т. кој сред бел ден со 4 куршуми го убил 36 годишниот битолчанец Бекир А., а потоа го запалил неговот тело. Мотивот засега не е познат.

Убиството се случи на 60 километри од Битола, на локалниот пат кој води од Плетвар до прилепското село Боловодица. Полицјата го обезбедува местото и не дозволува ниту влез ниту излез од селото.

Убиството се случи вчера околу 16 часот, а половина час подоцна случаен минувач пријавил дека на патот кон село Беловодица гори непознато лице. На местото на настанот веднаш излегла полициска екипа која го пронашла изгореното тело со прострелни рани. Од личните документи што биле пронајдени кај него, идентфикуван е 36 годишниот Бекир А. од Битола. Покрај телото се пронајдени и траги од два автомобила со битолски регистраски таблички, 4 чаури и едно зрно. Малкуте жители од Беловодица велат дека не виделе ништо, а сопругот на 51 годишната Блага Мицевска, слушнал неколку истрели додека го напасувал добитокот, но не знаел што се случило.

„Слушнал мажот ми пукнало неколку пати, со пиштол ли било, не знам, не видел. Потоа си ги прибра кравите и се врати дома“, кажа Блага Мицевска.

Полицаецот по извршеното убиство се вратил во Битола, а на неговиот ФБ профил по убиството објавил фотографии и означувал локации каде се движел низ градот. Полицијата потврди дека е полициски службеник, а бил пронајден после полноќ.

„Веднаш се превземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и околу 2 часот по полноќ е привден во полициска станица каде го призна делото и детално појаснил како го извршил. Во текот на денот ќе биде предаден на јавен обвинител“, кажа Тони Ангеловски, портпарол во МВР.

Неофицијално, полицаецот го извршил убиството со службениот пиштол кој го носел иако не бил на должност. Обвинител наредил обдукција врз телото на убиениот.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ