230 години од основањето на Стејт депарментот

Благодарност за клучната поддршка која САД и ја дале на земјата во остварувањето на стратешки цели за полноправно членство во НАТО и Европската Унија изрази денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров во Министерството за надворешни работи каде во присуство на американската амбасадорка Кејт Бернс свечено беше одбележана 230-годишнината од основањето на американскиот Стејт Департмент.

Во своето обраќање тој се осврна на билатералните односи засновани на споделени вредности и стратешко партнерство. Ја истакна значајната улога на колегите од американскиот Стејт Депертмент, кои низ изминативе 25 години ја поддржуваа и помагаа во надминување на предвизиците со кои се соочуваше земјата.

-Имаше моменти кога нашите пријатели и колеги од Стејт департментот играа клучна улога помагајќи ни да ги надминеме пречките на нашиот пат кон градење на посилна земја и општество. Благодарни сме им на САД што беа на наша страна во текот на сите овие години, нагласи Димитров.

Тој го цитираше поранешниот државен секретар, Хенри Кисинџер: „Отсуството на алтернативи неверојатно го прочистува умот“.

Димитров и Бернс отворија  изложба на избрани фотографии кои сведочат за континуираното пријателство меѓу двете земји од воспоставувањето на дипломатските односи до денес.

Амбасадорката Бернс се заблагодари на министерот Димитров и Министерството за надворешни работи за ко-организацијата на овој настан, истакнувајќи, меѓу другото, дека четвртина столетие на соработка и поддршка од САД е демонстрација на цврстата определба во остварувањето на заедничката визија за безбедна и просперитетна држава.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ