Од март алкохол ќе се продава и по 19 часот, лиценците за трговците остануваат

По девет години ригорозни правила, најверојатно од март алкохол ќе може да се купуваат и после 19 часот во зима, и по 21 во летните месеци. Пијалок ќе може да се набавува и од киосците. Измените во законот за трговија кои ќе ја либерализираат продажбата се при крај, од Министерството за економија за Телма велат дека работат на нив работат и набрзо се планира да се објават на ЕНЕР, за да се чујат коментари од бизнис секторот и од другите чинители.

„Предложените измени во Законот за трговија ќе бидат во фунција на укинување на ограничувањата во Законот кои беа воведени во 2008 година, а кои се однесуваат на ограничувањето на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и можност алкохолни пијалаци да се продават во киосци, освен на бензинските станици“, велат од Министерството за економија.

Бизнисмените вчера потсетија дека измените и по 6 месеци уште не се готови и дека ресорот Економија мора побрзо да делува.

„Комуникацијата со нив е одлична, се одржуваат состаноци, ветувања, но до денес барањата не се реализирани, и очекуваме тоа да биде во најкраток рок“, рече Штрбевска.

Комората уште во јуни лани побара укинување на ограничувањето на времето на продажба, бидејќи тоа им нанесува големи штети на трговците и на домашните компании.

Владата, сепак, нема да излезе во пресрет на уште едно клучно барање на комората – да се укине обврската за поседување лиценца за продажба на алкохолни пијалаци. Доколку таа остане, пак, се бараше да биде поевтина и да се плаќа само на прометот со алкохол, а не на целокупниот промет на објектот.

„Надоместокот за лиценца за продажба на алкохолни пијалаци е регулирано во член 23-а на законот за трговија од 2008. Во тековните измени  на законот нема да се интервенира во наведениот член. Имено, 20.000 денари е надоместок за прв пат вадење лиценца за продажен објект, која важи две години“, велат од Министерството за економија.

Додаваат дека за продолжување на лиценцата  трговецот е должен да плати надоместок од 5.000 денари за секој  продажен објект ако има до  три, и 15.000 денари за секој ако има над три објекти, како и 0,05 отсто од вкупниот промет во претходната година.

Од комората, пак, неодамна укажаа дека откако биле воведени лиценците, над 5.500 трговски објекти во земјава од вкупно 13.000, се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет. Велат и дека многу од европските држави воопшто не предвидуваат обврска за лиценци.

Ограничувањето на продажбата во изминатите години, според бизнисот, го стимулираше производството и трговијата со алкохол „на црно“, за кој не се плаќаат акцизи и даноци, а со тоа губат и потрошувачите, и државата и индустријата. Не се намали ни продажбата на алкохол, што беше еден од главните аргументи за воведување рестрикции. Од комората објаснија единствена ефикасна мерка е ригорозна примена на одредбите за забрана на продажба и точење алкохол на лица под 18 години.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ