200 учесници од целиот регион на 7-иот конгрес на педијатри одржан во Струмица

Повеќе од двеста учесници, од кои педесет еминентни професор и лекари од Македонија, но и од Турција, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Косово и Црна Гора, беа дел од 7от Конгрес на педијатри со меѓународно учество во организација на Здружението на педијатрите на Македонија.

Конгресот се одржа во Струмица, во хотелот Сириус, а траеше од 25ти до 28ми Јуни 2019 година. Покрај стручните предавања имаше и саем на кој излагачи беа 19 компании, тесно поврзани со педијатријата.

Овој Конгрес имаше за цел да поттикне размена на знаења и искуства помеѓу стручниот кадар од Македонија и Европа во областа на педијатријата, за подобрување на секојдневните практики, начин на третирање и протоколи.

Покрај стандардните теми од различни области на педијатријата и превентивната медицина, главни теми за овогодинешниот 7-ми Конгрес беа: пулмологија со алергологија, превентивна педијатрија, неврологија со развојна педијатрија, ретки болести, хематологија со педијатриска онкологија и неонатологија.

На свеченото отворање поддршка на 7от Конгрес на педијатри даде и Славица Заева, која ја препозна потребата за поддршка на ваков настан и тоа во нејзиниот роден град, Струмица.

Многу често се соочувам со прашањето како сум ја одбрала својата професија и одговорот на ова прашање за мене е секогаш ист.

Станав педијатар бидејќи оваа професија едноставно ми го зароби срцето. Секогаш уживам кога сум околу деца. Тие се забавни, искрени и добронамерни, но кога едно дете е болно тоа е како ранет ангел. Тоа беше првичниот поттик кој ме натера вистински да се вложам во оваа професија.

Но, како мојата работа напредуваше сфатив уште еден дел кој навистина е драгоцен за мене, а тоа е честа која ја добивам секој пат кога родител ќе го довери здравјето на своето дете во мои раце. Оваа привилегија е уште поголема кога детето е болно, повредено или во критична состојба. Тој момент на најголемата ранливост кај родителите чиј инстинкт ги мотивира да направат се за своето дете и фактот дека тие лично немаат како да го направат тоа е вистински акт на доверба.

Да се грижиш за тоа новороденче, дете или адолесцент е задача што педијатарот ја прифаќа и ја прави доброволно, чувствувајќи ја тежината на оваа одговорност, болката што детето ја издржува, стравот, тагата и загубата што родителите може да ја претрпат.

Свесна за сите овие предизвици на нашата професија со голем ентузијазам ги прифаќам сите конгреси, едукации и состаноци на кои можеме да го размениме своето знаење и искуства“. – кажа претседателката на Здружението на педијатрите на Македонија, Проф. Др. Аспазија Софијанова.

Она што е интересно и многу значајно за македонската педијатрија и воопшто за македонското здравство е најавата на Проф. Др. Емеритус Енвер Хасаноглу, дека во 2020 година Скопје, Северна Македонија можно е да биде домаќин на Конгресот на IPA (Интернационална педијатриска асоцијација).

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ