20 милиони литри црвена нафта се точи додека е забранета за употреба – буџетот губи 240 милиони денари

Од 15 април до 15 октомври кога е законски забранета употребата на екстралесното гориво,лани во земјава се продале 20 милиони литри или 40 проценти од целата годишна продажба на ова гориво – покажуваат анализите на „Телма“. Со ова буџетот изгубил 240 милиони денари, само од нелегалната продажба на црвената нафта во тие шест месеци кога таа е забранета да се „точи“ и да се злоупотребува како замена за дизел гориво.  Министерката за финансии Ангеловска, вчера не излезе да ги презентира аргументите зошто Владата не одлучи да се изедначи акцизата на екстралесното со таа на дизелот. единствен аргумент на владиниот портпарол вчера беше токму тоа што заврши грејната сезона со што е забранета употребата на ова гориво,.

Се земени предвид сите совети сите анализи кои се направени од експерти од вработени во министерство за финансии од Владата и сите други засегнати страни. Но да додадам другиот дел на прашањето дека екстралесното гориво е неменето само за лимитирана употребатоа е законски забрането за продажбаод 15 април така што ефектот би бил скоро никаков, рече Мухамед Хоџа, портпарол на Влада.

Иако „Телма“ ги побара анализите врз база на кои е донесена одлуката, сепак ниту од Владата ниту од Министерството за финансии не добивме никакви податоци.

А дека државата нема контрола на злоупотребите со црвената нафта, неодамна за Телма потврди и Пазарниот инспекторат. Мобилната лабараторија со која одамна пазарните инспектори требаше да ги откриваат злоупотребувачите, се уште не е во нивни раце, туку ја делат со Бирото за метеорологија.

„Неколкуте контроли што ги направивме покажаа дека не можат да се вршат такви контроли, бидејќи исклучиво надзорот, записникот комплетно ДПИ  го прави и  нормално ако таа лабараторија беше кај ДПИ до сега ќе имаше направено многу контроли на горивата. Пазарен инспекторат треба на лице место да фати кога некој го злоупотребува екстралесното гориво. Во спротивен случај на снимени и кажани работи не можеме да постапуваме. Од 15 октомври до 15 април еве сега го немаме контролирано. Само кога е забраната за продажба на екстралесното гориво – рече Пауновски.

На кого во државата му одговара криминалот со „црвената нафта? Зошто се уште масовно се троши екстра лесно гориво кога е завршена грејната сезона?  и зошто државата ја дозволува сивата економија? – праша вчера и најголемата нафтена компанија во земјава „Макпетрол“. Компанијата праша и врз база на кои анализи е донесена одлуката, кога во Европската Унија, голем дел од земјите одамна го исфрлија од употреба, а одлуката се коси и со препораката на Светската банка за транзиција кон почисти горива.

Макпетрол АД уште еднаш апелира до Владата и до сите државни институции за посериозен пристап кон предлогот за израмнување на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот, а не да ги штити криминалот и злоупотребите со ова гориво. Во спротивно, Макпетрол АД, како одговорна компанија и водечка сила во енергетскиот систем на нашата држава која работи и се стреми кон законито функционирање ќе ги запознае релевантните меѓународни институции, Светската банка за транзиција и Енергетската заедница за ова, соопшти компанијата.

Анализите и на компанијата и на Регулаторна потврдија дека на земјава и требаат 5 милиони литри екстралесно гориво за греење, а се увезуваат 55 милиони литри. Вишокот од 50 милиони завршува во резервоарите на возилата како замена за дизел, а од понсиката акциза за екстралесното државата губи по 11 денари од литар гориво. Пресметките пак кои ги изнесе претседателот на Регулаторна, Бислимоски, покажаа дека поради злоупотребите со црвената нафта буџетот губи над 30 милиони евра годишно. А еколошките ефекти се катастрофални, бидејќи екстра лесното содржи 100 пати повеќе сулфур од обичниот дизел и е сто пати поголем загадувач.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ