
20 илјади евра ќе чини експертски надзор на прислушувањето- но засега никој не дава
Три месеци по стартот на ОТА, надлежните за надзор не направиле проверка дали се прислушува легално или има прекршувања на законот за следење на комуникации. Собраниската надзорна комисија не добила пари за да изнајми експерти кои ќе им помогнат да ја извршат проверката, тврди претседателот на надзорната комисија Емил Димитриев, кој пари барал писмено и од претседателот на собранието. Станува збор за околу 20 илјади евра годишно за да се платат експерти од повеќе области.
Кога Телма се слушна со собранискиот претседател Талат Џафери, тој само кртако ни искоментира дека ќе се најдат пари. Од неговиот кабинет првин ги известиле пратеничките групи за барањето на Димитриев. Претседателот на надзорната комисија ова го изјави по средбата со европските експерти за следење на комуникации кои го набљудуваат македонскиот напредок во оваа област. Димитриев тврди дека се согласиле дека Македонија доцни со имплементација на законите што го регулираат следењето на комуникациите. Иако е формирана ОТА се уште не е комплетирано граѓанското тело за надзор во кое се избрани само половина членови.
Димитриев кој едно време беше и премиер откако почнаа да се откриваат злоупотребите на тајните служби не е задоволен ниту со предлозите за реформи на бебзедносните агенции и вели дека и европските експерти сметаат дека нема да има доволна контрола врз работата на службите. Македонија со децении не знае како да изврши ефикасен надзор врз тајните служби, кои продуцираа безброј скандали и афери.
Миомир Серафиновиќ