Разрешен Велковски, полицијата ќе ја води привремено „вечниот“ Деари

Полицијата односно Бирото за јавна безбедност остана без директор, откако досегашниот Лазе Велковски беше разрешен на денешната владина седница по злоупотребата со службениот џип.

Министрите го прифатиле предлогот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој минатата недела изјави дека ќе бара разрешување на Велковски бидејќи надвор од предвидените процедури, проценил дека има закани по неговото семејство и ќерката ја пратил со службен џип на летување во кампот Евридики во Грција.

Спасовски тврдеше дека нема лични несогласувања со досегашниот директор туку дека разрешувањето го барал поради одговорноста на оваа власт.

Иако директорската позиција е празна, не е е предложен ниту избран нов директор. Привремено, со највисока позиција во полицијата и во Бирото за јавна безбедност останува заменик директорот Бесим Деари.

Веќе го заработи прекарот вечен, бидејќи од 2002-ра до сега повеќе од дест години ја извршува истата функција. Работел со 6-мина различни директори и 7 различни министри.

Заменик беше и лани на 27-ми април кога иако бил предлаган да биде раководител на оперативниот штаб за протестите на заедничка Македонија, откажал после една недела. Деари ќе ја води полицијата до избор на нов директор, а досега нема ниту едно име официјално соопштено за таа позиција.

Досега во јавноста се шпекулираше со најмалку 5 имиња, но Телма контактираше со дел од нив кои тврдат дека не слушнале таков предлог за себе си, додека двајца се на одмор и не можевме да ги контактираме. Инцидентот со службениот џип на Велковски се случи на Илинден.

Едно видео и три фотографии од три различни локации го покажуваа полицискиот џип како се движи низ Грција. Засега нема информации од МВР дали џипот е следен со што е пробиена безбедноста на движењето или станува збор за случајно снимени фотографии од добро информирани туристи за возниот парк на полицијата.

Премиерот негира дека има внатрепартиска пресметка во разрешувањето, а за Велковски изрази пофалби и надеж дека ќе остане како помош во МВР поради неговото искуство.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ