Уште нема име за нов директор на полицијата, останаа пофалбите на Заев за Велковски и негирањето дека е внатрепартиска пресметка

Со пофални зборови за директорот на БЈБ Лазе Велковски, но со сигурност дека Велковски направил грешка- денеска премиерот Заев негираше дека во разрешувањето има внатрепартиска пресметка.

-Исправен пред заканите за него и за неговото семејство, Велковски ја направил грешката. Владата утре ќе го разгледа предлогот за негово разрешување и ќе донесе одлука. Не сме размислувале кој ќе го наследи доколку предлогот биде прифатен, веројатно ќе ни треба време за одлуката- изјави премиерот Заев, кој тврди дека дека Велковски е и исклучителен професионалец, но и партиски член.

Доколку биде разрешен, Заев очекува Велковски да остане во МВР. Заев не сакаше да го споредува неговиот случај со вицепремиерот Кочо Анѓушев, бидејќи според премиерот грешката на Велковски е докажана, а фирмите на Анѓушев се повлекле од конкурсот за државна помош.

Министерот Спасовски побара разрешување на Велковски од директорската позиција поради тоа што неговата ќерка на одмор во Грција била однесена со џип на МВР. Велковски тврдел дека тоа е направено поради безбедносни закани по неговото семејство, но патот бил изведен само со еден налог, а без решение.

Возилото било снимено на најмалку три различни локации низ Грција, а досега од МВР нема информации дали е отворена истрага за да се утврди дали џипот бил следен со што е нарушена безбедноста или пак случајно е фатен и снимен на три локации, меѓу кои и кампот Евридики кај Олимпик бич, каде на летување била ќерката на директорот.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ