Тачи повторно претседател на ДПА – Договорот со Грција мора да се прифати

Македонија е на работ на егзистенција, нејзиниот опстанок ќе зависи од иплементацијата на договорот за името со Грција како основен услов на влез во НАТО и ЕУ, порача Мендух Тачи, кој попладнево на седмиот конгрес на партијата, беше реизбран за претседател. Договорот со Грција е најголема капитална инвестиција на држава, која без интегрирање во евроатланските структури ќе нема иднина, рече Тачи.

„Договорот со Грција е многу важен за Албанците, зато што ние сме за НАТО и ЕУ. Многу луѓе велат дека договорот нема да помине. Јас им порачувам бидете мирни, договорот со сиурност ќе успее затоа што тоа е капитална инвестиција, ние сме на граница на егзистенција, затоа договорот мора да помине“, рече претседателот на ДПА Мендух Тачи.

Пред да биде реизбран за претседател, Тачи се осврна и на домашната политика со која како што рече Албанците се уште не успеале да ги остварат правата.

Истакна дека неговата партија и понатаму ќе се залага важните одлуки во државата да се донесуваат консензуално, да има рамномерна распределба на буџетот и да се заврши докрај процесот на фискална децентрализација. Без исполнување на овие барања согласно законот, доведена е во прашање лојалноста на Албанците.

„Голем број албански граѓаните кои гласаа за Македонска партија за СДСМ сега ги прашуваме дали живат подобро. Албанците во економска смисла живеат многу лошо, и наш ангажман ќе биде токму тоа, да имаме колективна благостојба а не индивидуална. Мора да се воведе консензуална политика како што е пракса во Европската Унија, бадијала ќе ни биде интегрирањето во евроатлансктие структури ако нема консензуален начин на донесување на одлуки, без исполнување на ова право може да биде доведена во прашање лојалноста на Албанците граѓани“, рече Тачи.

На седмиот конгрес на партијата Имер Алиу беше избран за нов генерален секретар на партијата, Илјаз Халими за претседател на централното собрание. Делегатите  избраа ново претседателство и нови пет потпретседатели на ДПА.  

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ