
Асани: За да врти бројчаникот треба судска одлука
17 милиони евра кои треба да бидат конфискувани од компаниите Трансмет и Силекс неметали СТ, се првите позначајни суму кои би се вратиле во буџетот и би биле регистрирани на бројчаникот, кој минатата недела беше поставен на Триумфалната порта. Првиот човек на Агенцијата за управување со одземен имот, Асани, за Телма вели дека сега таму имаат одземени и пари и предмети, но тие не се од криминал од функционери на претходната власт.
„Вие очекувате сигурно бројчаникот да почне да врти на вратени средства на државата од претходната власт, односно на функционери кои правеле криминални дејствија. Ние секојдневно конфискуваме имот, но не од функционери од претгходната власт, нема познати имиња. Се уште од такви функционери немаме вратено пари, ниту имаме правосилни пресуди. Единствената пресуда е за Сеат Кочан, каде се одземени 17 милиони евра, ако биде потврден од Апелација, ќе настапиме уште дента“, вели Асани.
Имаме капацитет за да ја спроведеме таа задача, ако треба ќе се бара асистенција и од МВР, но на државата треба да и бидат вратени 17 милиони евра, вели Асани.
„Агенцијата настапува на следниов начин – врши проверка по банкарски сметки, и доколку на нив постојат парични средства, тие се одземаат, доколку не постојат, се оди на конфискација на недвижнини, и после тие или се донираат на државни институции кои од нив имаат потреба, или се продаваат преку лицитација, било да се камиони, багери, или станови или куќи“, вели Асани.
За да врти бројчаникот, треба да вртат судовите, односно тие да функционираат и да носат правосилни судски решенија, дециден е Асани.
Засега се знае дека на бројчаникот ќе бидат впишани 433 илјади евра од поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, заради малверзации со изградбата на мостот Ооко, кои веќе се вратени во буџетот на општината, што е случај на Финансиската полиција. Пари во државната каса треба да вратат Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер во МВР, како и новинарката Ивона Талевска.
Граѓаните имаат поделени ставови околу тоа дали украдените пари ќе бидат вратени во државната каса.
Нина Нинеска-Фиданоска