Захариева задоволна што Унијата прв пат по три години носи заклучок за проширувањето

Низа услови напиша Советот за општи работи на Европската унија во заклучокот околу датумот за почеток на преговори со Македонија и Албанија. По повеќе од десет часа дискусии, министрите за надворешни работи на Унијата се договорија Македонија и Албанија да добијат датум во јуни 2019 година.

Бугарската вицепремиерка, Екатерина Захариева, која претседаваше со министерскиот Совет, е задоволна што првпат по три години Унијата носи заклучок за проширувањето.

„Ова беше исклучително важен Совет, но поважно е, како што веќе кажав, од 2015 година, за првпат да имаме заклучок за проширувањето. Сакам да им се заблагодарам на сите колеги во Советот. Нема да кријам дека не беше лесно. По десет часа дискусија успеавме да постигнеме решение, исклучително добро за цела Европа не само за регионот и земјите од Западен Балкан, не само за ПЈРМ и Албанија, туку за целиот регион, но пред се за граѓаните од регионот“, рече Захариева.

Проширувањето на Унијата беше приоритет за време на бугарското претседателство во првите шест месеци од годинава. Захариева вели дека одлуката да им се даде условен датум за почеток на преговори на Македонија и Албанија  ќе ја зголеми довербата во ЕУ бидејќи Унијата им покажува на граѓаните од регионот дека  нивната европската иднина не е само декларативна.

„Процесот допрва започнува. Има многу работа. И ако го видите заклучокот на Советот за двете држави тој е поврзан со услови, владеење на правото, продолжување на реформите со правосудниот систем, реформа на администрацијата, но како целина, можам да кажам дека тоа навистина дава многу јасна временска перспектива и конкретен распоред и за двете  држави“, додава Захариева.

А, ако реформите се исполнат, распоредот на Унијата е првата меѓувладина конференција, која практично означува почеток на преговори, да се одржи до крајот на идната година.

На самитот утре и задутре во Брисел, европските лидери ќе го усвојат заклучокот за Македонија и за Албанија. На нивниот распоред е тежок и долг дневен ред. Прашањето за мигрантите, трговските односи со Америка, политички теми околу Русија, дигиталната агенда.

Со овој самит завршува бугарското претседателство. Од први јули до нова година, претседавач ќе биде Австрија.  Како приоритети за време на своето претседателство Австрија ги стави безбедноста,односно борбата против илегалната имиграција преку зачувување на надворешните граници на Унијата, потоа конкурентност преку дигитализација и стабилност на нејзините соседни земји односно работа за приклучување на Балканот кон унијата.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ