
14 загинати во стравичната несреќа на автопатот Скопје – Тетово
Околу 17 часот автобусот на „Дурмо турс“ ја поминал наплатната рампа на автопатот Скопје – Тетово, и само после три километри се случила трагедијата. Трагите на коловозот само сведочат како автобусот се излизгал од едната на другата лента и преку стариот пат буквално прелетал во нива. Полн со патници завршил на кров а луѓето останале заробени во него. Први на помош притрчале локалното население од Лашкарци кое било потресено од тресокот и глетката која ја виделе. Со алати кои ги имале го сечеле железото и преку прозор ги извлекувале повредените, но и мртвите тела. Имало мажи, жени, деца, па со приватни возила веднаш ги носеле по болниците.
Багери од локалното население, армијата и противпожарните екипи се бореле до последни сили да го превртат автобусот и да пронајдат можеби уште некој преживеан. За жал мртвите тела на оние кои загинаа на место и по неколку часови беа покрај патот. Се чекаа увидните екипи и возилата на судска медицина. Дел од роднините во очај си ги бараа блиските а дел страшната вест ја слушнаа токму таму. Причините никој не ги знае за сега. Шпекулациите одеа од тоа дека возачот преживеал мозочен удар, до тоа дека се дупнало тркало на возилото.
Сообраќајната незгода која ја потресе земјава ќе го чека новиот ден за да се дознаат причините. Едно е сигурно дека никој не се сеќава на ваква трагедија која завршила со толку многу изгубени животи и повредени луѓе.
Билјана Николовска