13 лица со соочија со обвинение за вооружениот инцидент во близина на седиштето на ДУИ

13 лица со соочија со обвинение од Основното јавно обвинителство Тетово, за учество во вооружениот инцидент кој се случи на 5 април годинава во Мала Речица, каде едно лице го загуби животот, а неколку беа повредени.

Обвинителниот акт против четири лица е со предлог за продолжување на мерката притвор, се до правосилноста на пресудата. Едното лице се товари за кривични дело убиство, а останатите три лица за кривично дело убиство во обид.

Според обвинителниот акт сите четворица се товарат и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Едниот од обвинетите се уште е во бегство.

„Против останатите девет лица Основното јавно обвинителство Тетово поднесе Обвинителен предлог со кој сите се товарат за кривично дело Учество во тепачка. За осуммина обвинети, надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерки на претпазливост, додека за едно лице предложи определување мерка притвор до правосилност на пресудата, бидејќи станува збор за државјанин на Република Албанија“, соопштија од ОЈО Тетово

И јавниот обвинител утврдил дека обвинетите учесници во инцидентот припаѓале на две спротиставени групи, и заради нетрпеливоста која постоела меѓу нив, но и по претходен договор, со возила дошле на местото каде се случи вооружената престрелка и тепачката. Петмината од учесниците биле вооружени со пиштоли, а се користеле и палки, секири, ножеви и друго ладно оружје.

Инаку инциденот се случи на околу 300 метри од седиштето на ДУИ.

Пред да се случи крвата пресметка меѓу двете таканаречени кумановски крила на ДУИ, едната со приврзаници на Назим Беќири, а другата на Фариз Дервиши претходела расправија на состанок во седиштето на партијата во Мала Речица.

Групите постигнале договор за одредена тема за која биле дојдени во ДУИ, но на излегување пак се скарале, при што надвор започнала тепачка, која преминала во вооружена престрелка, во која е убиен Наип Реџепи од групата на Дервиши.

Ваквите информаци ги отфрлија од ДУИ. Но, неколку дена подоцна Назми Беќири од Куманово еден од основачите на ДУИ и поранешен потпретседател на партијата се огласи во јавноста и потврди дека учесниците во инцидентот биле во седиштото на ДУИ на партиски состанок каде и тој присуствувал, пред да се случи инцидентот.

Тој истакна дека имало несогласувања меѓу групите, но Али Ахмети и потесното раководство на партијата не презеле превентивни мерки за смирување на страстите, напротив партиските структури според него со своите постапки придонеле да се случи вооружениот инцидент.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ