
БЕСА остана без претседател
Беса остана без потпретседател, партиските фејсбук страници им беа турнати од хакери, а внатре во движењето се разгорува битка за претседателско место. Потпретседателот на партијата Зекирија Ибраими, кој е поранешен пратеник и беше кандидат за градоначалник на Чаир, синоќа преку социјалните мрежи си поднесе оставка од партиските функции и соопшти дека нема да се кандидира за партиски претседател поради поразот на локалните избори во Чаир.
„Во знак на почит на вредностите поставени од Движењето Беса, а по резултатите на локалните избори во трката за градоначалник на Чаир, поднесувам оставка“.
Ибраими кој на 27-ми април пред крвавите инциденти во Собранието, ја испеа албанската химна на собраниската говорница- претходно даде оставка од пратеничкото место кога се кандидираше за градоначалник на Чаир. Тој беше единствен пратеник кандидат на локални избори што си поднесе оставка и тогаш соопшти дека оставката ја дава како нова пракса во политиката. Движењето на Беса го води Билал Касами, тој уште е пратеник, а исто беше кандидат за градоначалник, во Тетово каде загуби во вториот круг.
Од Беса синоќа соопштија дека нивниот партиски сајт и сајтот на Касами биле хакирани и не функционираат. Партискиот сајт ни денеска не функционираше, а од Беса соопштија дека информациите кои се поставени на фејсбук страниците на партијата и лидерот, по хакирањето не соодвествуваат со ставовите на претседателот Касами и со партиските ставови. Познавачите велат дека во втората по големина партија на Албанците која има 5-члена пратеничпка група во Собранието се разгорува битката меѓу тетовското крило водено од Касами и скопската група на Ибраими.
Интересно е и што двете крила се против учество во влада со ДУИ, а внатрепартиските битки доаѓаат откако од Беса потврдија дека ќе ја продолжат коалицијата со Алијансата за Албанците на Села.
Во февруари Беса треба да го одржи првиот партиски конгрес на кој ќе избере претседател. Ибраими кого го гледаа како кандидат се повлече од изборот, поради поразот во Чаир, а кандидатура се најавува и од актуелниот претседател Касами, но и од Африм Гаши, кој е секретар во движењето, односно трет човек во партијата. Беса на парламентарните избори во декември 2016-та успеа да ја разбие деценија и пол долгата монотонија на албанската политичка сцена пополнета со ДУИ и ДПА во парламентот и освои 5 пратеници. На октомвриските избори добија само едно градоначалничко место, а во Чаир и Тетово изгубија откако СДСМ уште во прв круг ги поддржа кандидатите на партнерот во владата ДУИ.
Миомир Серафиновиќ