
Депортирана научничка од Колумбија
Наместо да пристигне на крајната дестинација Охрид, каде требаше да учествува на Светската конференција за блатни системи, што ќе се одржи идната недела, научничка од Колумбија со престој во Швајцарија, непосредно по слетувањето на Меѓународниот аеродром во Скопје, со печат за забрана, завршила во првиот авион за Швајцарија, бидејќи не поседувала виза за влез во земјата.
Од неформалното еколошко движење „Охрид СОС“, кое е дел од организацијата на конференцијата, тврдат дека на гостинката од Колумбија не и била потребна виза, бидејќи таа го исполнувала третиот услов за дозволен влез во Република Македонија објавен на интернет страницата на МНР.
„На оваа страница јасно пишува дека тие што имаат шенген виза со повеќе влезови не треба да имаат и македонска виза за да влезат во Република Македонија. Госпоѓата, патем петти месец трудна, била насилно качена на авион назад за Цирих без можност и да се поздрави со својот сопруг за кого немало место во авионот да се врати заедно со неа. Згора на сѐ, ѝ бил ставен и црн печат во пасошот“, велат од „Охрид СОС“.
МВР ги отфрли ваквите наводи и тврди дека во случајот било постапено законски и ничии права не се повредени ниту пак некој бил насилно качен во авион.
„Н.О.П. имала колумбиски пасош со привремен престој во Швајцарија, што не ја ослободува од обврската за поседување виза за влез во Република Македонија“, велат од МВР.
Поради настанатиот проблем, учеството на Светската конференција за блатни системи во Охрид го откажал и сопругот на депортираната научничка, инаку исто така научник, кој вчера си заминал од Македонија.
Горан Момироски