Зошто Путин не е во Њујорк?

Годинешното генерално собрание на ОН поминува без присуство на двајца светски лидери рускиот и кинескиот. Зошто Путин не е во Њујорк? Официјална Москва известува дека неговото отсуство било најавено уште на 24 август и дека го испраќаат искусниот министер за надворешни Сергеј Лавров. Но ова е трета година по ред како Путин не се појавува во ОН, последен пат беше таму на јубилејното 70-то заседание на Генералното собрание на он во 2015 година.

 

Поранешната СССР е една од државите создавачи на ОН, нешто што како држава го наследи денешна Русија. Политиколозите во отсуство на објаснување од страна на Путин сметаат дека тој не се појави во Њујорк, бидејќи не гледа корист од тоа патување. Неговиот работен календар е пребукиран, а веќе се познати неговите ставови за меѓународните проблеми, како и предлозите за можни решенија.

 

Осуда за Русија и помош од меѓународната заедница побара украинскиот претседател Петро Порошенко во својот говор пред светските лидери

-Поминаа речиси четири години од руската анексија и противзаконска окупација на Крим и Севастопол. Под руска окупација Крим се сврте кон воените упоришта, загрозувајќи ја стабилноста и безбедноста на целиот поширок Црноморски регион. Сметаме дека милитаризацијата на Крим го заслужува вниманието и брзата реакција на Генералното собрание. Руската агресивна политика, како и ароганцијата во употребата на смртоносното оружје ја зголемуваат заканата, рeчe Петро Порошенко, претседател на Украина.

 

Порошенко својот говор го посвети на состојбата во Кримската област каде во борбите на протуските сепаристи и украинските сили од 2014 до сега загинаа над 10.000 луѓе. 

 

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ