
„Златна мечка“ за израелскиот филм „Синоними“
Филмот „Синоними“ на израелскиот режисер Надав Лапид ја освои Златната мечка за најдобар филм на 69. Берлински филмски фестивал. „Синоними“ ја разоткрива приказната за еден Израелец кој емигрира во Франција, фокусирајќи се на актуелното прашањето за сето она што го подразбира идентитетот на мигрантите.
- Се надевам дека ова ќе ги натера луѓето да одат во кино и да погледнат директно во платното, да се обидат да го почувствуваат филмот, да се обидат да размислат за филмот и да се обидат да го сфатат филмот со своето тело, со својата душа, со својот ум, а потоа ќе одлучат тоа што ќе одлучат, изјави добитникот Надав Лапид.
Наградата на жирито кое годинава го предводеше француската актерка Жилиет Бинош Сребрената мечка – Гран при ја додели на францускиот режисер Франсоа Озон за филмот „ Во Божја милост“, филм за скандалозните сведочања за педофилијата во Католичката црква.
- Се надевам дека филмот ќе биде прикажан во многу земји. Приказната на мојот филм се случува во Франција, во јужниот дел на Франција, во Лион, но тоа може да се случи во Италија, Шпанија, во Америка, во Јужна Америка, секаде. Мислам дека има нешто универзално (заедничко) за сите проблеми со педофилијата во црквата, вели режисерот Озон.
Сребрената мечка за најдобра режија и беше доделена на Ангела Шаланек за филмот насловен „Бев дома, но“, германско- српска копродукција. Ванг Јингчун и Јонг Меи ја добија Сребрената мечка за најдобар актер и актерка за филмот „Довидување, мој сине“ на Ванг Сиаошуан.
Во главната конкуренција на престижниот Берлински филмски фестивал во трка за Златна мечка беа 17 филма, меѓу нив својата премиера ја имаше и најновиот филм на Теона Стругар Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.
На доделувањето на наградите му беше оддадена почит на големиот актер Бруно Ганц, кој почина истиот ден. Дитер Кослик забележа дека Ганц сега навистина е над небото над Берлин, алудирајќи на култуниот филм на Вендерс „Небото над Берлин“ во кој Бруно Ганц го играше ангелот. Во рамките на годинашното фестивал беа прикажани 400 филмови , што несомнено го вбројувава Берлинале во најголемите филмски фестивали во светот. 69 Берлински филмски фестивал е последен под водство на Дитер Кослик, кој по 18 години ја напушта функцијата директор. На завршната церемонија Кослик се збогуваше со публиката и неговите фанови кои несебично потсетија на неговиот влог во разгорувањето „Берлинале треската“ сите изминати години.
Нина Стефанова