
„Жолтите елеци“ во напад врз Макрон – Солзавец и гумени куршуми го блокираат патот до Елисејската палата
Револуционерна сабота на улиците на Париз, каде се евоцираат 1789 – Француската револуција, Бунтот од мај 1968 година и актуелните протести. Се збори дека ова е конечниот напад врз политиката на Емануел Макрон.
Жолтите елеци се на улиците и плоштадите, и веќе почнаа спорадични судири со полицијата која употребува солзавец, и која веќе запре и претресе 500 лица, додека 211 се уапсени затоа што наоружани со чекичи и шипки, па дури и оружје и молотови коктели.
Неколку илјади жолти елеци се наоѓаат на Шанзелизе, каде полицијата постави барикади и оклопни возила и испука огромен квантитет на солзавец. Слоганите се истите како и претходните три викенди на протести, тој најгласниот е „Оставка за Макрон“.
Стравувајќи од нови насилства и судири премиерот Едуар Филип и министерот за внатрешни Кристоф Кастанер одредија досега невидена полициска мобилизација. 90 илјади полицајци низ цела Франција и 8 илјади само во Париз. Елисејската палата и денес говори за обид за пуч на демонстрантите.
„Импресивен беше степенот на насилство од кој Париз, провинциите и префектурите беа погодени минатата недела, и сакавме да испратиме силен одговор, но пред се да бидеме внимателни. Ги повикувам жолтите елеци кои сакаат да испратат мирна порака да не им се придружуваат на насилниците“, кажа Кристоф Кастанер – Министер за внатрешни работи.
Сепак тоа што дополнително ја подигна тензијата беа сликите од апсењето на 151 средношколци од гимназијата во Манте ла Жоли, во периферијата на Париз, со лисици на рацете и на колена во дворот на нивното училиште.
Тврдокорните протестанти кои не се откажуваат од уличното наоружување се наоѓаат кај Порт Мелјо, на другата страна од Триумфалната порта, каде постојано клечат со рацете на глава потсетувајќи на полициското насилство врз средношколците.
Некои од помладите протестанти се надеваат на мирни протести.
„Има многу луѓе кои се навистина сиромашни и тажни. Затоа дојдовме да бидеме со нив и да пробаме да ги смениме работите“.
„Не, целосно сме против насилство. Видовме на телевизија цела недела дека тука имало „војна“ минатиот викенд. Стравуваме од такво нешто“.
Но, зошто овој бран на протести? Покачувањето на давачките за бензинот беше само повод. Причините се многи подлабоки и веднаш се проширија. Жолтите елеци се израз на бес на заборавената Франција, онаа од периферијата, против системот на оданочување, на нееднаквост, и се единствениот општествен коагулант кој ги обединува левите и десните луѓе и проблематики во земјата. Контрадикторноста на нивните барања, нивната хетерогеност, говори дека движењето е израз на широко распространет бес во француското општество, а не средство за постигнување политички концесии. Присуството на протестите опаѓа, но и понатаму е импресивно, како и поддршката на јавноста. Каузата на „Жиле жун“ доаѓа пред се од рураланата Франција.
Макрон е нападнат и од него се бара оставка, бидејќи се доживува како претседател на богатите, иако на полето на донаците и државните субвенции, Франција е далеку од неправедна со посиромашните.
Но, тоа не значи дека проблемите и протестот не се реални, а француското општество и политика доживуваат комуникациски блекаут. Власта нема слух за пониските слоеви во општеството чии плати се помалку вредат, додека фиксните трошоци растат. Нееднаквоста станува се поголема, дистрибуцијата на богатството се полоша, и тоа е проблем кој ниедна француска влада не го решава.
Изборот за францусите е лимитиран, историските и умерените партии не го гледаат проблемот, иако нудат одговорни политики, додека екстремистите го гледаат проблемот, но немаат кредибилни решенија. Оттука овој аполитички бунт кој ниедна партија не успеа да го заузди.
Останува да се огласи Макрон кој предолго молчи, и повторно да ја завземе улогата на претседател на сите француси.
Ивор Мицковски