
Жолтите елеци се вратија – Боксерски меч на улиците на Париз
8-ми чин од протестите на жолтите елеци, или поточно, осма рунда бокс по улиците на Париз.
Очигледно професионалниот боксер во прашање е идентификуван и уапсен од страна на полицијата.
Жолтите елеци на улиците се во се помал број, но и покрај тоа, прават се поголеми штети.
15 жолти елеци го нападнале и седиштето на портпаролот на владата Бенџамин Гриву, кој заедно со соработниците биле евакуирани од страна на полицијата.
Во текот на вчерашниот ден полицијата употреби солзавец, гумени куршуми и шок бомби против група на жолти елеци кои се обидуваа да го поминат мостот што води кон парламентот. Голем број на демонстранти пак беа повредени кај музејот Д’Oрсај.
„Протестот беше најавен во полиција. Маршрутата на протестот не беше почитувана од страна на полицијата, ни фрлаа солзавец повеќе пати, додека само одевме. Бевме многу тивки, многу мирни. Кога стигнавме кај Музејот Д’Oрсај полицијата постави блокади и ни фрлаше созлавец, фрлаа шок бомби и има се повеќе повредени. Видов онесвестени луѓе погодени со гумени куршуми во главата“.
Во Париз имаше најмалку 4.000 лица кои излегоа да демонстрираат со жолти елеци. Откако се собраа во 14 часот на плоштадот пред градското собрание на Париз, тие се упатија кон Националното собрание, при што се блокирани на кејот на Сена, каде се судрија со силите на редот, при што потешко беше повреден еден припадник.
Потоа демонстрантите заминаа на булеварот „Сан Жермен“, каде запалија повеќе моторцикли, додека на „Шанзелизе“ имаше тензии.
И покрај насилството некои од жолтите елеци се жалат дека биле испровоцирани од страна на полицијата која го нападнала мирниот протест.
„Не напаѓаат за ништо, затоа што слободно пешачиме од утрово, се беше во ред. И одеднаш јуришаа на нас. Не спречуваат да се движиме низ Париз. Зошто? Затоа што министерот за внатрешни Кастанер што прави тука? Тој дава погрешни наредби“.
Преку Твитер реагираше и францускиот претседател Емануел Макрон. „Повторно, екстремно насилство ја нападна Републиката, нејзините чувари, нејзините симболи“, ќе напише Макрон додавајќи дека тие што се одоговорни за овие дела го немаат при срце заедничкиот граѓански договор. Ќе има правда ќе заклучи Макрон, нагласувајќи ја важноста на дијалогот.
Тензии исто така беа регистрирани во Нанси, Троа, Бове, Рен, Нант и Руан. Две оклопни возила и два водени топови биле стационирани пред градското собрание на Бордо, откако претходните протести во овој град завршуваа со насилни судири со полицијата.
Ивор Мицковски